Немирите во Украина проблем за македонските транспортери
Немирите во Украина и околу неа ги загрижија македонските компании кои што тргуваат со фирми од оваа земја...

Иако во вкупната трговија Украина учествува со нешто повеќе од 1 процент, сепак увозот на полуфабрикати е многу важен за функцинирањето на фирмите од металургијата, а во извозот доминира феросилициумот и свежиот зеленчук и овошје.
Случувањата во Украина предизвикаа загриженост кај македонските компании што извезуваат на овој пазар. Сепак први на удар се транспортерите .Фирмите ги намалуваат барањата за превоз на оваа релација, а дел од превозниците кои транзитираат кон Русија, веќе бараат алтернативни коридори .
„Во овој период ние ја избегнуваме Украина затоа што луѓето не знаат со кого ќе се сретнат на патиштата. Се помалку се земаат и дозволи за транзитирање кон Русија ,а штетите допрвин ќе се пресметуваат“, изјави Билјана Муратовска од Макамтранс, Скопје.
Трговската размена во последниве 4 години се движела во интервалот од 104 до 253 милиони долари .Традиционално нашиот извоз се движи околу 20-тина милиони долари , освен во 2011-та кога имаме рекорден извоз на феросилико манган и на феросилициум вредни 80 милиони долари.Увозот стагнира и лани биле увезени производи за 92,5 милиони долари.Салдото во размената е негативно и во просек се движи меѓу 60 и 70 милиони .
Само лани транспортерите на релацијата Македонија-Украина превезле товари од неверојатни 171 илјади тони. За жал само 18 илјади тони биле испорачани од домашните фабрики, додека во обратната насока пристигнале 152 илјади.
„Во нашиот извоз најмногу е застапен феросилициумот со 17 милиони долари, а потоа следуваат зелката и свежиот зеленчук, кајсии, цреши, вишни и праски. Договорите за испорака на силициум од февруари се во мирување. Очекуваме со нормализирање на состојбите да продолжат испораките”, изјави Билјана Пеева Ѓуриќ од Стопанска комора на Македонија.
Се позначаен станува извозот на лекови, електрични акумулатори, тутун и каросериски делови. Во увозот доминираат плоснато валани производи од железо или челик кои претставуваат 2 третини од вкупниот импорт.
Свето Николовски
