Македонците пијат по најниски цени, во Исланд алкохолот е најскап
Највисоки цени за алкохолни пијалаци во Европа плааќаат Исланѓаните, а најниски се цените во нашава држава, покажуваат податоците на „Евростат“, (центарот за статистика на Европската Унија).

Во рамки на статистиката за цената на алкохолот, се истакнува дека истата ги опфаќа 28-те земји членки на ЕУ, три земји на ЕФТА (Исланд, Норвешка и Швајцарија), пет земји кандидатки (Албанија, Црна Гора, Македонија, Србија и Турција), како и една потенцијална земја кандидатка (Босна и Херцеговина). Во однос на земјите од Унијата, алкохолните пијалаци се најскапи во Финска, а најевтини се во Бугарија и Романија. Според анализата на „Евростат“, просечната цена на алкохолните пијалаци во најскапите земји членки на ЕУ е двојно поголема од просечната цена на ниво на целата Унија. Цената на алкохолните пијалаци на ниво на ЕУ лани била најниска во Бугарија и Романија, а потоа следат Унгарија, Чешка и Шпанија. Низ цела Европа, вклучително и земјите кои не се членки на ЕУ, најниска цена на алкохолни пијалаци е забележана кај нас и во Босна и Херцеговина, додека за алкохол најскапо се плаќа во Исланд и Норвешка.
