Алкохолот-причина за голем број здравствени, социјални и економски проблеми
Константен пораст на бројот на зависниците од алкохол во светот и кај нас

Секојдневното и прекумерно консумирање алкохол е причина за голем број здравствени, социјални и економски проблеми на поединците,семејствата и на самото општество. Алкохолот е причина за многу болести и повреди кај луѓето кои не успеваат да му одолеат на овој порок. Паралелно со константниот пораст на бројот на зависниците од алкохол на светско ниво, се влошува состојбата и кај нас- потврдува Владимир Панзов, претседател на Здружението „Здрав живот" – Скопје, кој работи како меѓународен едукатор и семеен тренер. Тој потврдува дека алкохолизмот е зависност која не одбира возраст, пол или професија, а загрижува и фактот што расте бројот на жени што имаат проблеми со прекумерно пиење алкохол. Се претпоставува дека има многу неевидентирани алкохоличари и дека реалната слика е многу лоша.
Алкохоличарите многу ретко решаваат да побараат помош од психолог или психијатар. За тоа придонесува природата на проблемот, како и отсуството на соодветна здравствена и социјална мрежа за превенција и третман на овој проблем. Според поновите податоци се проценува дека во Македонија над 60.000 луѓе се алкохоличари, а 300.000 имаат проблеми со алкохол и покажуваат знаци на алкохолна болест. Околу 85% од возрасните лица употребуваат алкохол, што е една од главните причини за повеќе болести или прерана смрт. Штетите поврзани со злоупотребата на алкохолот се особено високи и се должат на порастот на кардиоваскуларните смртни случаи и намалениот животен век.„Македонија има потенцијал, но нема доволно волја кај институциите за да се решава проблемот со алкохолот. Се обидуваме да ги смениме навиките, да им всадиме здрави навики на луѓето, да им го насочиме вниманието кон нешто друго, поздраво и покорисно, со што ќе го заменат алкохолот“ – вели Панзов
Алкохолот е поврзан со многу социјални и развојни прашања- физичко и психичко насилството, злоупотреба на деца,сиромаштија, стрес, конфликти и отсуство на работното место и во социјалниот живот. Кога еден алкохоличар ќе одлучи да побара помош, треба да се работи и со целото семејство. Во борбата против алкохолот треба да се вклучи целото општество и сите институции заедно. Kај нас многу малку се говори на тема алкохолизам , па затоа членовите на Здружението „Здрав живот“секојдневно и несебично се обидуваат да ја сменат оваа состојба во корист на сите засегнати страни.
Јасмина Никова
