Реакции за отказот на Болтон
Реакции по отказот на советникот за национална безбедност на САД... Политичарите изненадени од потегот на претседателот Трамп и покрај тоа што е познат по честите смени на фунцкионерите во својот тим.

Болтон е третиот советник за национална безбедност во мандатот на Доналд Трамп. Функцијата на Болтон ќе ја преземе неговиот заменик Чарлс Куперман.
Мировните разговори со Талибанците од Авганистан, трговската војна со Кина, спорот со Иран и денуклеаризацијата на Северна Кореја се само дел од предизвиците со кои се соочува администрацијата на Белата куќа. Поради дијаметрално спротивни ставови за клучните прашања, претседателот Доналд Трамп го разреши Џон Болтон, човекот којшто му беше десна рака во стратегиите што се однесуваат на надворешна политика. Проблемите отсега ќе ги решава заедно со заменик-советникот за национална безбедност Чарлс Купермен.
Линдзи Греам - Сенатор (Републиканец)
Секој претседател мора да има доверба во својот советник за национална безбедност. Мене ми се допаѓа Болтон. Тој го гледа светот каков што е. Отсекогаш сме имале сличен став за заканите со кои се соочуваме.
Џини Шахин - Сенатор (Демократ)
Јас не се согласував со политиката на Болтон за Иран. Сметам дека не требаше да се повлечеме од Нуклеарниот договор со Иран. Не се согласував ни со ставот за нуклеарното оружје. Но Болтон беше подготвен да соработува со нас за сириските затвореници. Меѓутоа, ова беше одлука на претседателот.
Разрешувањето на Болтон беше делумно неочекувано и за неговите најблиски соработници во Белата куќа кои требаа заедно со него да ја одржат пресконференцијата на која претставија новитети во стратегијата во борбата против тероризмот. Отсега владата може да санкционира осомничени теориристи и нивни лидери без да ги суди за конкретен акт. Казнени мерки се предвидени и за странски финансиски институции кои вршат трансакции со терористи или нивни поддржувачи.
Мајк Помпео - Државен секретар на САД
Никогаш не сум изненаден. Амбасадорот Болтон и јас не се согласувавме многу често, тоа е факт. Истото важи и за многумина други со кои соработвам. Мојата мисија е да ја спроведувам дипломатијата на Америка и да работам со тимот независно дали е од Финансии или од Претседателот, за да можеме да имаме добар исход.
Стив Манучин - Министер за финансии на САД
Со наредбата „Модернизирање на санкциите за борбата против тероризмот“ во голема мера се опфатени нашите капацитети за идентификување, казнување и уништување на вршителите на терористички дела на глобално ниво. Нашето Министерство веќе казни десетици поединци од 11 терористички групи, лидери, оперативци и финансиери, вклучувајќи ги Хамас, Исламска држава, Ал Каеда, и други.
Според аналитичарите, пресуден момент за отпуштањето на Болтон бил неговиот обид во Белата куќа да организира состанок со лидерите на Талибанците од Авганистан. Болтон беше силен поддржувач на Ирачката војна за разлика од Трамп кој смета дека овој конфликт е еден од најголемите грешки на САД. Претседателот има попацифистички став и за проблемите со Северна Кореја и Русија. Во однос на Иран, Трамп изрази подготвеност да разговара со неговиот колега Рохани. Според Помпео, средбата би се случила веројатно на маргините на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите Нации на крајот на месецов.
