Се очекува раст од 3,5 проценти согласно со проекциите
Согласно со априлскиот циклус проекции, се очекува растот на економијата во 2019 година да достигне 3,5%, оценува комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Монетарната поставеност е соодветна. Економските фундаменти и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата е заклучокот од последната седница. Во првата половина од 2019-та, растот на бдп изнесува 3,6% и е малку поумерен од очекуваниот за овој период од годината. Просечната годишна стапка на инфлација за првите осум месеци од годинава изнесува 1,1%, при што растот на цените е помал од очекуваниот, велат од Народната банка. Вкупните депозити и вкупните кредити покажуваат натамошен раст на годишна основа. Ликвидноста на банките и натаму се зголемува, главно како одраз на интервенциите со откуп на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка. Последните макроекономски показатели упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, но согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на претходната оцена, соопштуваат од Народната банка.
Сунчица Николоска
