Манифестација „Звуците на чаршијата“ по 13 пат се одржува во Скопје
Во старото градско јадро на Старата скопска чаршија на 16, 17 и 18 септември (понеделник, вторник и среда) ќе се одржи традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“

Во старото градско јадро на Старата скопска чаршија на 16, 17 и 18 септември (понеделник, вторник и среда) ќе се одржи традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“, чија цел, веќе неколку години, да ја заживее чаршијата преку концерти од сите жанрови, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовна колонија и презентација на стари занаети. Старото јадро е културен и духовен споменик на градот, а намерата на организаторите е да се врати духот на занаетите, барем на оние што останале до денес.
„Звуците на чаршијата“ е мултимедијална и мултикултурна манифестација, која годинава се одржува по 13 пат, со идеја да потсети на заборавената традиција, да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје и да придонесе кон еманципација на културно неизградените средини. Таа придонессува кон континуираните активности на градот Скопје и Културно-информативниот центар - Скопје за ревитализација на Старата скопска чаршија.
Изминативе години на „Звуците на чаршијата“ учествуваа многу познати пејачи, уметници, танчери, аниматори, познати групи, македонски, албански, турски, ромски, во духот на идејата на манифестацијата, да биде мултикултурна. КИЦ – Скопје, освен на реномирани уметници им дава шанса и на дебитанти, кои токму тука, на ова место, на оваа манифестација ја започнале својата кариера.
- Целта на проектот е презентација на различните традиционални уметности, традиции и култури во Македонија. Со еден збор ова е зближување и подобро запознавање меѓу етникумите во земјата, значи доближување до граѓаните преку културата - велат организаторите.
Подготви: Сандра Титизова
