ИТАЛИЈА

Владата на Kонте бара време од ЕУ за долгот

12.09.2019 14:53

Новата коалиција на Рим навестува посмирувачки став во преговорите со Европската Унија за буџетот.

Премиерот Конте очекува трпение од Брисел за намалување на јавниот долг. Италија е веднаш зад Грција во листата на најзадолжени држави во еврозоната.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте очекува Брисел да му даде време на Рим за да го намали јавниот долг. На првиот состанок со новоизбраната претседателка на Европската Комисија Урсула вон дер Лејен, Конте изрази подготвеност со нив да направи пакт за стабилност кој би овозможил продуктивни инвестиции за да се дигитализира економијата и да се стимулира растот на неговата земја. Новата коалиција позната како „Конте 2“ навестува посмирувачки став во преговорите со Европската Унија за буџетот. Претходниот кабинет на ултрадесничарите од „Лига“ на Матео Салвини и „Движењето Пет ѕвезди“ предводено од Луиџи ди Мајо, водеше спор со Брисел поради финансиските планови кои не беа во согласност со правилата на блокот. Италија е земјата со втор по големина јавен долг во Еврозоната, веднаш зад Грција.

Џузепе Конте - Премиер на Италија

Сакам пакт со Европа. Ова е сезона на реформи кои нема да завршат за неколку месеци. Ни треба време, и засега сакаме да направиме пакт со Европа и Италија да стане дигитализирана земја. Сакаме да го насочиме индустрискиот систем целосно кон зелената економија. Мора да правиме инвестиции кои даваат економски раст, одржлив развој, поголемо вработување и подобар квалитет. Мора да работиме и да ги унапредиме дигиталните капацитети. Конечно, наша цел е да го намалиме јавниот долг.

Прогнозите  на аналитичарите за есенските финансиски преговори на релација Рим-Брисел се оптимистички откако Роберто Гaлтјери, долгогодишен европратеник, беше именуван за нов министер за економија на Италија. Уште еден Италијанец, Паоло Џентилони, поранешен премиер и министер за надворешни работи, е назначен за нов еврокомесар за економија во Брисел.