ПРАГА

Самит Вишеградска група - Западен Балкан

12.09.2019 14:49

Вишеградската четворка со повик до Европската унија пред октомвриската сесија на Советот за општи работи – побара да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.

На Самитот на премиерите на државите од Вишеградската група и од Западен Балкан што се одржа во Прашкиот замок, усвоена е Декларација со која се потврдува посветеноста на процесот на проширување, со образложение дека без Западен Балкан нема обединета Европа. Чешка, Словачка, Унгарија и Полска оценуваат дека пристапувањето ќе остане процес заснован на заслуги што зависи од постигнатиот напредок на земјите - кандидати. За да се задржи позитивниот имплус, со вреднување на реформите и Преспанскиот договор, во документот е наведено дека е потребно да се отворат преговорите со Скопје и Тирана. Вишеградската четворка смета дека ова ќе биде поттик за целиот регион и гаранција дека Брисел ќе продолжи да има водечка улога во Западен Балкан.

„Ние секогаш сме се залагале за блиски односи меѓу ЕУ и Западен Балкан. Затоа, ние усвоивме Декларација со која го потврдуваме нашето убедување дека политиката на проширување е најважната алатка за промовирање стабилност, безбедност, демократија и просперитет во Западен Балкан. Безбедноста на Западен Балкан значи безбедност на Европа. Унијата мора на регионот да му понуди јасна и кредибилна визија за европска перспектива“, изјави Андреј Бабиш, премиер на Чешка

Во меѓувреме, направен е и чекор напред кон полноправно членство на земјава во НАТО. Чешка го ратификуваше протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. На седницата на Законодавниот дом во Прага присуствуваше и премиерот Заев, кој оцени – стабилен Западен Балкан е во интерес на ЕУ во однос на геополитиката, економијата и безбедноста.

На самитот допатуваа шефовите на Влади на Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и на Босна и Херцеговина. Косово беше претставувано од дипломат од амбасадата, како реакција на изјавата на чешкиот претседател Милош Земан, кој рече дека сака да разговара со властите во Прага за повлекување на признавањето на независносноста на соседната земја.

 

Новинар: Мартин Пушевски