СЕЛО ЈАНЧЕ

Предлог викенд-дестинација

13.09.2019 11:00

Во близина на реката Радика, до регионалниот пат Дебар — Маврово, оддалечено 16 километри североисточно од Дебар и во непосредна близина на Бигорскиот манастир, се наоѓа селото Јанче, мирно и тивко место каде секој добронамерен посетител може да најде спокојство и мир.

Сместено е на надморска височина од 760 метри и е распослано на мала површина од само 4,8 км² и претставува село од збиен тип.  38 хектари се обработлива површина, а пасишта се 27 хектари.Се наоѓа над  течението на реката Радика, а неговите куќи се скалесто наредени. Поради ова го споредуваат со орловско гнездо среде планинските врвови. Јанче е една од најстарите населби во мијачкиот регион од пред повеќе од пет века во долнореканскиот крај, која се споменува уште во документацијата на архивот на Истанбул.

             Според легендата, првиот жител на селото бил човек со име Јане, по кого се сметало  дека селото го добило името.Селото прв пат се споменува во османлиските пописни дефтери од 1467 година, кога имало само 1 христијанско семејство (Ѓерѓ Илиевиќ). Потоа се споменува и во 1536/39 година со 6 семејства и 1583 година со 8 семејства и 3 неженети.Постојат мал број на пишани документи за ова село, од кои се гледа дека Јанче се наоѓало во месноста Јанечки ливади, скриено заради честите качачки пљачкосувања. Подоцна селото се преместило поблиску до патот за полесна комуникација со останатите населени места.Во минатото, главна стопанска дејност во делото било сточарството, но во последно време се забележува дека растечка гранка е туризмот и искористување на природните благодети во областа. Куќите се скалесто наредени и сочинуваат неоткинливо единство со прекрасниот природен пејзаж. Нивниот автентичен изглед се должи на традиционалната градителска традиција негувана стотици години. Најзаслужен за реставрирањето на куќите од ова село е вештиот и искусен мајстор Тефик Тефикоски. Тефик освен што го задржал автентичниот изглед на градбите, во процесот на реставрирањето користел само природни материјали – земја, камен и дрво, како што и некогаш се правеле македонските куќи. Паралелното опстојување на црквата и на џамијата се само еден доказ за вековната трпеливост и за соживотот на жителите на ова село Јанче.

Според статистичките податоци  од 1900 година, во Јанче живееле 400 жители, сите Македонци, од кои 240 православни и 160 муслимани.Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 146 жители.Печалбарството било и е карактеристично занимање или стопанска гранка на жителите на Јанче и воопшто на Мијаците. Тогаш цели тафи мајстори од најразлични профили како градежници, копаничари, зографи, трговци и различни занаетчии заминувале низ Балканот и земјите во Европа, па дури и во земјите на Мала Азија. Благодарение на вековната солидарност меѓу Мијаците, многумина од нив, од печалба успеале да остварат сигурна егзистенција за своите семејства дури и за следните поколенија

Регионот нуди повеќе автентични туристички атракции. Близу Јанче се наоѓаат и водопадот Дуф, манастирот Свети Јован Бигорски, мостот Елен скок на Тресонечката река и глацијалното езеро Локув. Секоја година во селото се одржува фестивал на питата, каде што се собираат вештите кулинари од сите околни села во реканскиот крај и се натпреваруваат кој ќе ја подготви највкусната пита.

Освен што сите посетители ќе можат да уживаат во недопрената природа, ќе ги одморат очите гледајќи во бистрата и брза Радика, се препорачува задолжително да го вкусат чајот од планински билки и мавровското сирење од непастеризирано млеко. Затоа, доколку претстојниов викенд имате време и желба вистински да се одморите,посетете го Јанче и уживајте под прекрасното sвездено небо над ова живописно  македонско село.

 

Јасмина Никова