НАРОДЕН МУЗЕЈ

Народен музеј Свети Николе

13.09.2019 11:59

Изложба „БИЛАЗОРА“

Во петок на 20-ти септември  во ОУ Народен Музеј Свети Николе свечено ќе биде отворена изложбата  „Билазора“, која ќе биде постојана поставка.

Изложбата ја сочинуваат движни артефакти од Локалитетот Градиште с.Кнежје кои се  резултат на континуирани систематски археолошки истражување за период од 2008 - 2018  година. Истражувањата се одвиваа  во организација на ОУ Народен Музеј Свети Николе во  соработка  со TFAHR-USA фондација за археолошки и историски  истражувања, Институтот  за  археологија и историја на уметност при Филозофскиот  факултет.

Самиот локалитет се простира на околу 30 хектари и се наоѓа на 4 км западно од Свети  Николе. Градот Билазора опстојува од 7-2 век п.н.е., а најголем подем доживува во 5-ти и 4-ти  век п.н.е. и се развивал во 4  последователни фази.

Откриените артефакти кои се наоѓаат во состав на постојаната поставка се плод на    систематските археолошки истражувања и потекнуваат од акрополот Билазора (пропилонот  и владетелскита палата), датираат од 5 и 4 век п.н.е. Се работи за репрезентативни примероци на: пајонска  керамика, предмети од метал, нумизматика, камена пластика (делови од  храмот) и др.

Посебно  место  зазема  диорамата (макета) на самиот локалитет во размер 1:100 и се однесува на  досега истражениот дел, каде е претставен акрополот.

Проектот е реализиран со финансиска поддршка на Министерството за култура, од сопствени средства, како и со поддршка на фирми и организации и Општина Свети Николе, а е заокружен со делото на академскиот вајар Димче Димески – автор на диорамата (макета).

 

 

Подготви  Анита Никушева-Јованчев - новинар