Зависност од лекови
Дали долго пиете исти таблети на рецепт? Она што после подолго време може да ви се случи е загрижувачко. Многу од лековите можат да направат зависност и да им предизвикаат проблеми на луѓето кои ги земаат.

Се повеќе Британци пијат лекови на рецепт кои можат да направат зависност, вклучително и таблетите за спиење, опиоиди и други таблети против болка, што го зголемува ризикот од криза слична на онаа во САД.
Во извештајот што го нарачала владата научниците од Државната агенција за јавно здравство на Англија велат дека доказите покажале дека пред помалку од 10 години почнало се поголемото препишување на таквите лекови за се поголем број луѓе и често на предолг период. Само од 2017 до 2018 година, 11,5 милиони возрасни во Англија, повеќе од една четвртина од населението, добиле рецепт за еден или повеќе такви лекови, покажала анализата на Државната агенција. Лековите вклучувале бензодиазепин, кој се зема против анксиозност, таблети за спиење, како и антиепилептиците габапентин и прегабалин, антидепресиви и опиоидни аналгетици.
Много од лековите можат да создадат зависност и да им предизвикаат проблеми на оние кои ги земаат. Во извештајот истотака е утврдено дека таквите лекови повеќе им се препишуваат на жените и на постарите луѓе. Иако препишувањето на некои лекови, меѓу кои бензодиазепин и опиоид, сепак во последно време е малку намалено поради страв од смртоносната опиоидна епидемија која ги погоди САД, останатите лекови, како што се габапентин и прегабалин и некои антидепресиви, се препишуваат се почесто и на подолг рок.
Тоа значи дека се повеќе луѓе се во опасност да станат зависни и да имаат проблеми кога ќе престанат да ги користат, се истакнува во истражувањето. Тоа исто така го чини Државниот завод за здравство многу пари, дел потрошени на лекови кои не им помагаат на сите, посебно ако предолго се користат. Во одговорот на анализата, синдикатот на лекарите соопштил дека неговите членови се загрижени, иако проблемот во Англија е од помали размери и го нема разорувачкиот учинок на зависноста од лековите на рецепт како во САД, сепак лекарите се загрижени поради бројот на пациенти на кои им се препишуваат овие лекови и времетраењето на нивното земање. Опиоидната епидемија во САД уби речиси половина милион Американци од 1999 година, а во извештајот на политичкиот форум на Организацијата за економска соработка и развој од оваа година се предупредува дека не се само САД соочени со оваа криза. Бројот на смртните случаи поврзани со користењето опиоиди зголемено расте во Шведска, Норвешка, Ирска, Англија и во Велс.
