РУСИЈА

Средба Путин- Нетанјаху во Сочи

13.09.2019 13:40

Продлабочување на безбедносната координација на сирискиот фронт, Иран и изборите за израелскиот кнесет - теми на средбата во Сочи меѓу рускиот претседател Путин и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Лидерите се задоволни од досегашната соработка. Од новиот парламент на Израел очекуваат продолжување на позитивниот однос. 

„Израел мора да може да дејствува сам против Иран“, изјави премиерот Бенјамин Нетанјаху на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Сочи, посветена на безбедносната координација во Сирија. Во последните години, двајцата лидери одржаа многу состаноци за да избегнат ненадејни судири во Сирија каде што Израел тврди дека веќе извршил стотици напади против ирански цели.

Бенјамин Нетанјаху - Премиер на Израел

Координацијата во безбедноста отсекогаш била важна, особено сега по минатомесечните обиди на Иран да изврши напад врз Израел од Сирија и да распореди проектили кои би ги употребил против нас. Нема да ја толерираме оваа закана и поради тоа сме принудени да дејствуваме.

Претседателот Путин изрази задоволство од соработката со Израел, но и надеж дека Кнесетот ќе добие вистински тим за продолжување на добрите релации со Москва.

Владимир Путин - Претседател на Русија

Знам дека вашата земја очекува важни политички настани како што се изборите за Кнесетот на 17 септември. Познато е дека над 1 и пол милион луѓе од Советскиот Сојуз живеат во Израел. За нас, тие се наш народ, наши сонародници. Не сме рамнодушни кон тоа кој ќе влезе во израелскиот парламент. Се надеваме дека ќе бидат одговорни политичари кои ќе зачуваат сè што е постигнато во билатералните односи.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров тврди дека војната во Сирија е завршена. Во интервју за рускиот весник „Труд“ нагласи дека постојат изолирани места на тензии кои не се под контрола на владините сили, вклучувајќи ги Идлиб и источниот брег на Еуфрат. Според Москва, формирањето и активирањето на комитетот за развој на уставните реформи би бил важна пресвртница во спроведувањето на политичкиот процес  кој би довел до стабилизација на регионот.

Конфликтот во Сирија почна во периодот на Арапската пролет во 2011 година. Мирните протести против владеењето на Асад прераснаа во крвава војна со стотици илјади цивилни жртви и 13 милиони раселени.