САД: Иран ги уништи нафтените постројки
Нова опасност од војна меѓу САД и Иран. Причина за најновиот спор се нападите врз нафтените објекти на Саудиска Арабија.

Техеран ги негира обвинувањата од Вашингтон. Јеменските Хути презедоа одговорност и најавија нови напади. Производството на нафта се намали, цената на светските берзи се зголеми за 13,8 проценти.
Вашингтон го обвинува Техеран за разорувањето на најголемите светски фабрики за производство на нафта во Саудиска Арабија. Челникот на Белата куќа Доналд Трамп очекува извештај од Ријад за нивната проценка за инцидентот и идните чекори. Се закани дека војската на САД целосно е подготвена да интервенира. Републиканските конгресмени инсистираат да им се забрани учеството на иранските делегати на Генералното собрание на ООН на крајот на септември.
Лиз Чени - Конгресмен на Републиканците
Кога постојат лица како Иранците, како Талибанците кои продолжуваат да ги напаѓаат американските интереси, важно е да им пратиме порака дека мора да бираат. Може да се служат со дипломатија или да ја напаѓаат Америка. Ние знаеме дека не се сериозни во дипломатијата додека траат ваквите напади.
Од иранското МНР тврдат – обвинувањата од Вашингтон служат како оправдување за операција против нас и репутацијата на заливската земја. Револуционерната гарда предупреди дека се подготвени ракетите кои имаат капацитет да стигнат до американските бази и бродови во регионот.
Амир Али Хаџизадех - Генерал на Иранската Револуционерна Гарда
Поради тензиите и ситуацијата, нашиот регион е како буре барут. Ниту ние, а ниту Американците сакаат војна. Кога овие контакти се доближуваат преблиску, кога силите доаѓаат во контакт една со друга, можно е да се случи судир поради недоразбирање.
Со тензиите во Заливот за над 13 насто порасна и берзанската цена на нафтата чиешто глобално производство се намали за 5 проценти.
Оваа индустрија веќе претрпе сериозен удар откако Вашингтон се повлече од Нуклеарниот договор со Техеран и ги реактиивраше економските санкции. Исламската република возврати со намалување на обврските од пактот и закана за блокада на Ормутскиот теснец низ кој минуваат 20% од глобалното количество на нафта.
