Заклучоци од трилатералниот самит за Сирија
Активирање на уставниот комитет, мировен коридор

Лидерите на Турција, Русија и Иран едногласни да биде формиран одбор за изработка на нов устав во Сирија. Во заедничката декларација ги потенцираа суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на земјата во која досега загинаа стотици илјади луѓе. Во Анкара заврши петтиот самит посветен на наоѓање решение за конфликтот кој трае од 2011 година.
По трилатералниот Самит на лидерите од Турција, Русија и Иран во рамките на мировниот процес за Сирија, претседателите Реџеп Таип Ердоган, Владимир Путин и Хасан Рохани очекуваат интензивирање на напорите за прекин на војната, вклучувајќи го и активирањето на Уставниот одбор. Крајна цел е воспоставување мировен коридор на североистокот од Сирија со кој бегалците ќе можат безбедно да се вратат дома.
Реџеп Таип Ердоган - Претседател на Турција
Стотици илјади кои веќе беа расселени, мораа повторно да побегнат. Турција не може да мирува и да гледа нова трагедија крај своите граници. Проблемот не ја засега само нашата земја, туку цела Европа.
Путин нагласи дека Одборот ќе го сочинуваат провладини, опозициски и независни претставници за да се забрзаат разговорите во Женева. За обновата на Сирија бара соработка на глобално ниво
Владимир Путин - Претседател на Русија
Се надеваме дека меѓународното општество, особено ООН, агенциите, активно ќе се вклучат во хуманитарните акции во Сирија, обновата на градската инфраструктура, водоводната мрежа, електродистрибуцијата во училиштата и болницата. Сето ова треба да биде за сите Сиријци, без дискриминација, политизација или предуслов.
Порачаа странските трупи веднаш да заминат по поразот на терористите. Рохани очекува избори во Сирија. Иранскиот лидер се воздржа од коментари за САД надвор од контекст на Сирија иако односите Вашингтон-Техеран се драстично влошени по нападот на нафтените погони на Саудиска Арабија.
Хасан Рохани - Претседател на Иран
Ние сме против странска интервенција во Сирија, особено против присуството на странците предводени од Америка кои не се поканети од легитимната влада на Сирија. Досега Америка поддржуваше терористи или интервенираше непотребно.
Конфликтот во Сирија почна во периодот на Арапската пролет во 2011 година.
