,,Чудесна терапија,, -најнова претстава на Драмски театар
На 14.09.2019 год на малата сцена на Драмскиот театар во Скопје премиерно беше изведена претставата ,,Чудесна терапија,, од Даниел Глатауер во режија на Димче Николовски

Во оваа камерна претстава улогите ги толкуваат Соња Стамболџиоска како Терапевтот, Маја Вељковиќ Пановска како госпоѓа Дорек и Предраг Павловски како господин Дорек.
Драматург на претставата е Александра Бошковска, а костимографијата ја потпиша Раде Василев.
,,Чудесна терапија,, е претстава во која многумина ќе се препознаат. Ситуациите низ кои поминува брачниот пар Дорек се како позајмени од нашето секојдневие. Недоразбирањата градат цела мрежа на погрешни заклучоци кои водат кон неспособност да го разбереме другиот, неговите желби и потреби. Се чини дека е вистинска уметност да се умее да се слушне другиот. Неспособноста за комуникација како проблем се третира и во античките драми, и во современите текстови.Човечката историја памети конфликти, војни кои настанале поради "недоразбирање".
Во случајов "војната" се случува помеѓу брачниот пар Дорек,а тие за свој "Тиресиј" (пророк во античките драми) го имаат Терапевтот.Во случајов улогата на "Хорот" ја има публиката во гледалиштето.
Но овојпат, не станува збор, за трагичен приказ, туку за пиеса со комичен призвук, пиеса за човечката природа која умее, да го доведе човека во многу апсурдни и комични ситуации.
За актерскиот предизвик во оваа претстава актерката Маја Вељковиќ Пановска која ја толкува улогата на госпоѓа Дорек за МТВ изјави:
Чудесна терапија е се чини претстава, која публиката лесно ја "конзумира", но од актерска гледна точка таа е голем предизвик. И за работење и за играње.
Тоа е претстава во кое говорното дејство е главната актерска алатка, кое пак бара темелна работа и владеење со секој збор, па дури и интерпункциски знак.
Во секој случај прилично захтевна задача за еден актер.
Инаку тоа е пиеса напишана од Даниел Глатауер австриски писател и некогашен новинар, кој вели дека "црпи" теми од своите лични искуства како и од новинарските приказни.
Пиесата е хит низ германските театри, а се игра во Словенија, снимен е и филм, во германска продукција.
Подготви: Сандра Титизова
