На 26 септември стартува новата концертна сезона на Националната филхармонија
„Моќта на Заратустра“ е програмскиот наслов на првиот концертот од новата концертна сезона на Националната филхармонија.

Под диригентската палка на Антони Вит ќе ги чуеме виртуозниот руски пијанист Александар Мерников со Концертот за пијано и оркестар бр.1 од Лудвиг ван Бетовен , како и синфониската поема „Така зборуваше Заратустра“ на германскиот композитор Рихард Штраус,позајмена во една од најпознатите филмски сцени на сите времиња во култниот филм на Стенли Кјубик „Одисеја 2001“.
Добитникот на „Греми“ – маестро Антони Вит е еден од највлијателните полски диригенти и, воопшто, еден од најпочитуваните ликови на полската музичка сцена денес. Откако ја освоил престижната награда „Херберт вон Карајан“ на Интернационалниот натпревар по диригирање во 1971 година и бил асистент на славниот Карајан на Источниот фестивал во Салцбург, тој соработувал со сите водечки оркестри во Полска пред да ја заземе позицијата генерален и уметнички директор на Варшавската филхармонија во 2001 година. Бил и музички директор на Симфонискиот оркестар де Навара во Шпанија, а моментно е диригент-лауреат на Краков филхармонија во Полска. Во 2015 година го доби францускиот орден „Легија на честа“ за промоција на француската музика. Ужива славна интернационална кариера диригирајќи со видни оркестри во светот, како што се Берлинската филхармонија, оркесарот „Тонхале“ во Цирих, Националната академија на Санта Чечилија, Кралската филхармонија во Лондон, Би-Би-Си филхармонија, Кинеската филхармонија, Кливленд оркестар... Неговите настапи се снимени на повеќе од 200 аудиозаписи за реномирани издавачки куќи и за нив е добитник на бројни награди, меѓу кои и на престижната „Греми“ (2013) за изведбата на „Фонограми“, „Партита“ и Концерт за хорна од Пендерецки, како и шест номинации за неа, но и на награда од Фондацијата „Карол Шимановски“ за промоција на неговата музика за аудиозаписите за „Наксос“. Маестро Вит има голема заслуга за изведбата на речиси сите современи дела од големите полски композитори, како што се Лутославски, Пендерецки, Карловиц, Шимановски... Студирал на Музичката академија во Краков, а ги продолжил студиите кај почитуваната Надја Буланже во Париз. За современата музика, во едно интервју, ќе каже: „Изведбата на полската современа музика стана дневна работа за мене. Затоа што ја изведувам многу почесто од другите диригенти. Се чувствувам сигурен на ова поле, иако никогаш не го третирам тоа како професионална должност. Секогаш сум мислел дека тоа е мисија на Полскиот радиооркестар, да ја промовира полската музика на современиците и затоа оваа музика е мошне важна“. Еден од последните негови ангажмани е снимањето каталонска музика, како и дебито во Индија со Националниот симфониски оркестар.
Рускиот пијанист Александар Мелников има зад себе навистина импресивна биографија. Раната средба со славниот Свјатослав Рихтер, освоените награди на меѓународните натпревари во Брисел и во Цвикау, интересирањето за историските инструменти се само дел од неговиот уметнички живот. Досега настапувал со извонредни диригентски имиња, како што се Плетнев, Јарви, Гергиев, Фауст, а добитник е и на наградата „Грамофон“ на Би-Би-Си и на „ЕХО класик“ за неговите маестрални аудиозаписи. Последните негови ангажмани вклучуваат концерти низ Европа со еден од најактуелните диригенти денес – Теодор Куренцис, за кого вели дека не само што е негов близок пријател туку е и еден од најимпресивните и енигматични фигури што ги запознал во неговиот живот. Заедно одржале бројни концерти со изведба на дела од Рахмањинов, Прокофјев, Шостакович, но и од Моцарт и тоа на рани инструменти. „Секоја соработка со него е незаборавна. Тој е еден од ретките луѓе што навистина умеат да направат чудо“, вели Мелников. Настапува како солист со врвните светски оркестри во сите престижни концертни сали и вели дека кога свири некој концерт, тој не се чувствува како солист. „Јас го нарекувам тоа солистичка глупост. Затоа што сите споделуваме иста сцена и диригентот и оркестарот, обидувајќи се сите заедно да направиме музика. Се разбира дека во одредени солистички делови презентираме одредена музичка идеја која не може да има еднаква тежина кај оркестарот, но тоа не ве прави повеќе или помалку важни, туку наметнува само поголема одговорност.“ За него, класичната музика е „комплексна – слушањето класична музика, тоа е стекната вештина“. Вели дека слушателот мора да биде едуциран. „Понекогаш е потребен цел живот за да го научите овој јазик и да знаете како да уживате. Понекогаш можеби и не треба да уживате, но можете да се збогатите од тоа искуство... Музиката е важен дел од оваа цивилизација.“ Мелников дипломирал на Московскиот конзерваториум, а критиките за него, за секоја негова интерпретација, се едногласни, дека тој е пијанист кој поседува палета на тембри, чувство за вистинскиот момент, елоквентност што ве тера да сакате да скокнете нагоре и да погледнете што прави помеѓу прстите и тастатурата.
Подготви
Татјана Грковска
