СКОПЈЕ

Европска недела на мобилност

18.09.2019 12:46

Голем број настани ќе бидат организирани неделава со треба да се поттикнат граѓаните да ги сменат своите навики

“Пешачи со нас – Сигурно пешачење и возење велосипед” е мотото на годинашнава Недела на мобилност која во рамки на Европската недела на мобилност ќе трае до 22 септември. Почесто да се користат активни начини на движење или да се комбинираат со возење велосипед или со користење на јавниот превоз наместо да се возат автомобили – се дел од препораките.

Ќе се организираат работилници и трибини посветени на активностите на Град Скопје кои придонесуваат за подобра мобилност во градот, за зголемување на безбедноста во сообраќајот, за придобивките од пешачењето и возењето велосипед, за електричните тротинети и за влијанието на транспортот врз климатските промени. Со одржлива туристичка тура до Матка ќе се промовира комбинираниот превоз до рекреативните центри, а во четврток попладне, улицата „Димитрија Чуповски” ќе биде затворена за сообраќај бидејќи на коловозот ќе се организира Вело фиеста – дружење и забава за граѓаните. Традиционалното велосипедско дефиле по градските улици ќе се одржи во петок.

Европската недела на мобилност има за цел да ја поттикне мобилноста на жителите на европските градови и да ги мобилизира градските власти и институциите да размислуваат, да планираат и да работат што повеќе да се користи алтернативниот превоз, а во истовреме да ја подигнат јавната свест за придобивките од пешачењето и движењето.

Партнер на Град Скопје во реализацијата на овој проект е здружението на граѓани „Македонски зелен центар”, а во организирањето учествуваат и Делегацијата на Европската Унија, Министерството за животна средина и просторно планирање, скопски општини, средни училишта и центри на култура на Град Скопје, GIZ, Црвниот крст, МВР, ЈСП, Републички совет за безбедност во сообраќајот, Македонската велосипедска федерација, Цементарница Титан, како и повеќе здруженија на граѓани, меѓу кои Прв до врв, Еко свест, Еко логик, Go green, Смарт Ап, Електромобилност и други.

Тања Сарандеска