Касиљас останува во Реал Мадрид до 2017-та ?

03.03.2014 19:49

Голманската икона на Реал Мадрид Икер Касиљас, на блескав начин го одбрани ударот на фудбалерот на Шалке 04, Јулијан Дракслер во првото осминафинале во Лигата на шампионите. Иако е резерва во Реал, 32 годишнот голман потсети дека е и натаму еден од најдобрите во светот.

Касиљас брани само во Лигата на шампионите и во Купот на Кралот, но седи на резервната клупа во Примера, па се почесто се поставува прашањето дали ќе се остварат прогнозите дека по 14 години си заминува од Реал.

„ Се надевам дека ќе бранам до својата 40-та година. Ако се одржува голманот може да биде активен и на  тие години. А јас сакам да бидам на голот на Реал. Кога ќе ми истече договорот, ќе видам дали ќе продолжам тука или ќе си заминам, вели Касиљас кој потпишал верност кон клубот до 2017-та а досега има освоено девет титули и два пати е прогласуван за најдобар голман во Примера.

Нешто помалку од 14 години трае неговата трофејна низа во репрезентацијата на Шпанија со која два пати бил европски првак и еднаш светски шампион. Кога требало да ги издвои трите најомилени одбрани во кариерата, најтрофејниот голман во историјата на фудбалот направил интересен избор:

1. Одбраната на ударот на Бербатов во финалето на ЛШ 2002, со која ја сочува предноста и пехарот за Европски првак против Баер Леверкузен.

2. Одбраната на ударот на Диего Пероти против Севиља во 2009-та, која во Шпанија тогаш го доби епитетот „најдобра одбрана во историјата“.

3. Одбраната со нога во ситуација „еден на еден“ против Арјен Робен во финалето на СП 2010 против Холандија.