РОДИТЕЛСТВО

Што да направите ако го фатите детето во кражба?

18.09.2019 12:36

Сите ние имаме некаква приказна за кражба во детството.

Чоколадо  во продавница, јаболко од овоштарникот на соседите, пари од паричникот на мама. Свежо ни е потсетувањето на чувството кога нешто сме украле и  со возбуда и  гордост зборуваме за таа возбудлива авантура.

Ќе признаете дека има нешто слатко во тоа успешно да зграпчите некаков плен, а да не мора да платите за него. Ова искусто по правило го поминуваат сите деца, но во целата приказна е важно само тоа дека родителите  треба правилно да изреагираат кога ќе дознаат за кражбата. Кога детето е на возраст од околу четири години тогаш кражбата во принцип нема реална подлога, ниту пак детето до крај разбира што направило. На детето му е тешко да направи разлика дека пробавме зрно грозје во продавница за да решиме дали ќе купиме грозје и тоа е во ред, но не е во ред да се земе чоколадо од продавница и да се изеде, а да не се плати. Границата помеѓу тоа што е прифатливо, а што не е, на малечките деца им е нејасна и го прават она што ќе им падне на памет. Малку постарите деца истотака крадат, но сега веќе од други често фантазирани причини. Вам како родители во целата приказна треба да ви е важно да знаете дека не го прават тоа затоа што се криминалци. На возраст од околу пет до осум години децата се во фаза на испитување како ќе реагира околината ако ги фати во кражба. Затоа е исклучително важно родителската реакција да биде јасна и конкретна. Децата се обидуваат да дознаат што се случува ако ги фатат, а еден од најголемите проблеми е ако не ги фатат. Тие се обидуваат да откријат кои се правилата. Ако никој не ги фати и не им рече, ,,Тоа не е во ред, мораш да го вратиш назад и да го платиш”, детето не добива чувство дека е правилно воспитувано. Родителите тој момент мораат да го сфатат сериозно и да реагираат. Бидејќи ако детето краде без последици и без корекции во однесувањето, не само што ќе мисли дека е во ред, туку и полошо, неговото чувство за сигурност со ова се намалува. Што треба да се направи?  Обидете се во детето да ја разбудите совеста за тоа како би се чувствувало тоа ако некој нешто му украде. Децата  во тој период се уште немаат развиена емпатија, но можат да разберат кога сестрата или другарот ќе му ја земат играчката. За да разбере уште подобро што направило, важно е да му покажете како ќе ја поправите оваа ситуација. Можете да се вратите во продавницата, да го вратите украденото и да се извините или да го платите и да се извините. Детето вака учи дека е одговорно за своите постапки, дека е во ред да си ја признае грешката и да се поправи тоа што може. Кога ќе го вратите украденото, продолжете по патот. Немојте да ја продлабочувате ситуацијата, да го окривувате детето, неговиот карактер или да и се придава на неговата постапка поголемо значење отколку што во основа  ја има. Се разбира, немојте да го нарекувате арамија или криминалец, да го плашите со полиција или со поправни домови, само објаснете му дека земало нешто што не е негово и дека тоа мора да го врати. Колку и да е веројатно дека еднаш ќе поминете низ ваква ситуација со своето дете, постојат и ситуации кога ќе треба да побарате помош. Ако видите образец кој се повторува  во кражбата, детето го сокрива украденото и зема работи затоа што на другите нешто им значат, а не затоа што ги сака за себе, тогаш ова  се знаци дека со детето се случува нешто сериозно. Детето што не покажува каење поради своите постапки или има и други проблеми, како што е разводот на родителите или малтретирањето во училиште би требало да разговара со психолог.