ИНФРАСТРУКТУРА

Бизнисот бара брза изградба на Скопје – Блаце

18.09.2019 16:01

Квалитетна инфраструктура и укинување на нетарифните бариери. Бизнисмените од земјава, од Косово и од Албанија со порака до владите во Скопје, Приштина и Тирана. Болна тема останува автопатот Скопје-Блаце.

Рокот 2023 година за изградба на автопатот Скопје - Блаце е неприфатлив. Бизнисмени од земјава, од Косово и од Албанија побараа македонската влада што поскоро да го заврши својот дел од работата за да се подобри инфраструктурната поврзаност меѓу трите земји. Признаа дека економската соработка е незадоволителна, потенцијалот не е искористен, а сè уште се присутни и други нетарифни бариери што треба да се надминат.

„Во однос на изградбата на патниот правец од Косово до Македонија, секако дека придонесе за подобрување на трговската размена. Сè уште чекаме да се преземат мерки од Северна Македонија за уште повеќе да се подобри трговската размена“, изјави Скендер Красниќи, претседател на Стопанската комора на Косово

„Целта ни е да функционираме како брз и ефективен триаголник. Прва и најзначајна пречка во таа насока е патната инфраструктура. За ова треба да се дискутира и да се преземат одредени мерки и активности“, изјави Николин Јака, претседател на комората за трговија и индустрија на Албанија

„Бариерите се од различен тип, најпрво тоа е инфраструктурата, но има и нетарифни бариери. Има и други проблеми кои веќе се решаваат“, изјави Неби Хоџа, претседател на комората на Северозападна Македонија

Македонскиот премиер Заев тврди дека Владата е посветена на изградба на квалитетна инфраструктура.

„Тендерот за првата делница Скопје – Блаце го распишавме. Верувам дека до крајот на годинава или до почетокот на идната ќе биде распишан тендерот и за втората делница. Нашата намера е ова автопатско решение со вкупна должина од 12,5 километри да го изградиме со брз интензитет“, изјави Зоран Заев, претседател на Владата

Министерот за економија уверува дека брзо ќе се спроведе проектот за интегрирано гранично управување со Албанија на преминот Ќафасан.

„Создаваме работни групи кои на техничко ниво ќе разговараат и во рок од 2 месеца ќе треба да ни достават конкретен предлог за да воспоставиме „one stop shop“ за олеснување на трговијата“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија

Претседателот на Собранието Џафери рече дека тој е за меѓусебна соработка со која земјите испраќаат порака дека се дел од стабилен и сигурен регион.

Новинар: Мартин Пушевски