Рине: Британија има уште 12 дена да ги претстави плановите
Баркли: ЕУ да биде пофлексибилна во преговорите

Финска со ултиматум за Брегзит. Лондон да достави план до крајот на септември. Европскиот парламент ја поддржа предлог - резолуцијата за одложување на крајниот рок за излез на Велика Британија од блокот. Од кабинетот на британскиот премиер тврдат дека преговорите со ЕУ напредуваат откако е тој на функција.
„Британскиот премиер Борис Џонсон има уште 12 дена да ги претстави своите планови за Брегзит“, изјави премиерот на Финска Анти Рине, земјата која претседава со ЕУ. По средбата со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, заклучиле дека е неопходно до крајот на месецов да добијат предлог во писмена форма од Обединетото Кралство. Рине изрази подготвеност да дискутира за нов краен рок со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и со Џонсон иако сè уште ставот не е договорен со другите земји-членки на ЕУ.
Анти Рине - Премиер nа Финска
Премиерот Џонсон нема доставено солиден предлог кој би помогнал да ја процениме нашата можност да најдеме решение за моменталната ситуација. И двајцата гледаме дека е доста нејасна и недефинирана ситуацијата во Обединетото Кралство. Поради тоа сме едногласни дека доколку постои таков предлог кај нив, сега е моментот да ни го достават во писмена форма до крајот на септември.
Џонсон нагласи дека договор е можен на клучниот лидерски самит на ЕУ на 17 октомври. Тој и натаму не се откажува од ставот дека Лондон и Брисел ќе се разделат на 31 октомври, со или без спогодба. Според Даунинг Стрит, преговорите продолжуваат и предлозите ќе се претставуваат во соодветно време. Стивен Баркли, министерот за Брегзит, му порача на европскиот блок да покаже флексибилност во преговорите, кои според британската влада, напредуваат откако Џонсон ја презел функцијата.
Во меѓувреме, највисокиот британски суд продлжува со сослушувањата за законитоста на неговата одлука да го суспендира парламентот. Џонсон тврди дека барал од кралицата да го одложи, или суспендира, Долниот дом за да поднесе нова законодавна агенда. Но, критичарите го обвинуваат дека се обидува да ја спречи дебатата и да протурка Брегзит без договор до крајниот рок- 31 октомври.
