Сојуз на Здруженија на пензионери на Македонија
Подготовки за одбележувањето на 20 септември- Денот на пензионерите на Македонија

Сојузот на Здруженија на пензионери на Македонија ќе го одбележи 20-ти септември-денот на пензионерите, во знак на донесувањето на првиот Закон за пензиско и инвалидско осигурување во далечната 1946 година. Тогаш биле пензионирани првите работници и се формирала организацијата на македонските пензионери како колективен член на единствените синдикати во Македонија.
Во 1947 година биле евидентирани околу 5оо пензионери, во 1960 година бројот се зголемил на 15.321, во 1970-тата год. на 51.537, во 1980 -84.948, во 1990 -166.224, а во 2000-та година бројот на пензионери достигнал 241.221. Според податоците бројот на пензионерите постојано растел, па така, во 2005 година се зголемил на 272.740, во 2010 тој изнесувал околу 280.000, од кои 225.000 биле членови на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.
Сојузот на Здруженија на пензионери на Македонија делува како самостојна, невладина и неполитичка организација, која во континуитет се развива, оставајќи траги и во самиот развој на државата. Претставува асоцијација на 53 здруженија на пензионери, доброволно здружени во Сојузот заради заштита и унапредување на заедничките цели и интереси на корисниците на пензија во Република Македонија.
Значајни се целокупните заложби на раководството и на членовите на Здруженијата на пензионерите во нашата држава, како во изминатите години, така и во моментов- кога станува збор за остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување, за поквалитетна здравствена заштита, за унапредување на културните, спортските и хуманитарните потреби на пензионерите. За остварување на овие заеднички права на здруженијата-членки на Сојузот, СЗПМ соработува со други здруженија и нивни сојузи, со невладини организации и фондации и со пензионерски асоцијации од други земји.Сојузот издава свој весник „Пензионер плус“ еднаш месечно и има своја Веб страница www.szpm.org.mk
По повод одбележувањето на 20 септември- Денот на пензионерите на Македонија, ќе бидат доделени благодарници за здруженијата што оствариле најмногу хумани активности во текот на годината, ќе биде награден најхуманиот пензионер, како и најхуманиот правен субјект- фирма што со свои донации поддржала и помогнала најголем број пензионери.
Јасмина Никова
