Ребалансот на буџетот пред пратениците
Во собраниската комисија за финансирање и буџет почна расправата за ребаланс на буџетот

Поднесени речиси 400 амандмани. Власта бара пратениците да го поддржат предлогот, бидејќи има повеќе пари кај граѓаните и стопанството. Опозицијата со серија критики.
Основните фискалните таргети остануваат непроменети, со ребалансот се обезбедуваат повеќе пари за граѓаните и финансиска поддршка за бизнисот за отворање нови работни места и за исплата на повисоки плати, вака министерката Ангеловска го бранеше предлогот за прекројување на буџетот. Предвидени се 6,5 милиони евра за субвенционирање на растот на платите во приватниот сектор, има пари за мерки за вработување, за поврат на ДДВ, за земјоделството, ретки болести, за колекторскиот систем на Охридско езеро.
„Поставените цели за 2019 година се целосно насочени во функција на постигнување на клучните приоритети на општеството: повисоки плати за раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и за НАТО“, изјави Нина Ангеловска, министерка за финансии
Министерката вели дека земјава е умерено задолжена, а државата редовно ги сервисира обврските. Очекува дека јавниот долг на крајот на годинава ќе изнесува 49,3% од БДП.
„Поинтензивен раст на инвестициите, силна поддршка на потрошувачката, континуиран силен раст на извозната активност, засиленото кредитирање на приватниот сектор, раст на активноста во градежништвото и во индустријата, ова претставува реална основа за остварување на проектираниот економски раст од 3,5%“, изјави Нина Ангеловска, министерка за финансии
Опозицијата смета дека ребалансот е потврда за неефикасноста на институциите, бидејќи заклучно со август, за капитални инвестиции се потрошени 118,7 милиони евра или 28,2 процента од планираното. Сега, средствата се кратат за 50 милиони евра.
„Ова е доказ дека власта нема капацитет да инвестира средства во капитални проекти, како градинки, болници, студентски домови, железница, водоводи. Наместо тоа, парите ги распределува за популистички мерки кои имаат за цел манипулација со гласачкото тело во предизборна година“, изјави Никола Мицевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
Пратениците од СДСМ во одбрана на предлогот.
„На приватните стопанственици им се дава можност, доколку ја зголемат платата 100 евра да го платат само персоналецот, другите придонеси ќе ги плаќа државата за пензискиот фонд да биде на стабилна основа“, изјави Диме Велковски, пратеник од СДСМ
„Го зголемуваме товарот на оние кои регуларно исплаќаат плата на трансакциска сметка, а ги субвенционираме оние кои даваат плата во плико“, изјави Драган Цуклев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
Расправата во собраниската комисија може да трае 10 дена, по што предлогот оди на пленарна седница. Поднесени се речиси 400 амандмани.
Новинар: Мартин Пушевски
