БРАЌА МАНАКИ

„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ПРИКАЖАНА НА 40-ТИОТ ЈУБИЛЕЕН ФЕСТИВАЛ ИФФК “БРАЌА МАНАКИ“ ВО БИТОЛА

19.09.2019 16:40

Проекцијата на документарниот филм „Медена земја“ на ИФФК „Браќа Манаки“ –Битола, ги крена битолчани на нозе.

Салата на Центарот за култура во Битола беше преполна. Љубителите на седмата уметност дојдоа да го видат македонскиот кандидат за Оскар. Продуцентот Атанас Георгиев и кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума беа поздравени со громогласен аплауз.

На прес конференцијата на фестивалот „Браќа Манаки“  кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума, како и продуцентот и монтажер Атанас Георгиев открија интересни моменти од снимањето на филмот.

-Сите комунициравме без проблем иако стануваше збор за двајца режисери и двајца кинематографери. И сега на проекциите кога го гледам филмот не можам да препознам кои кадри јас сум ги снимал, а кои Фејми. Таа компатибилност, на двајца кинематографери кои се комплетно различни, укажува на тоа дека успеавме да направиме филмот да изгледа како да е снимен од еден човек, рече Самир Љума.

Во филмот, мајката на Атиџе умира и тие денеска раскажуваа за тие денови од снимањето:

-Навистина мајката на Атиџе почина за време на снимањето. Таа беше во тешка состојба извесен период и кога ни јавија дека починала се организиравме да стигнеме до таму и бидејќи сметавме дека тоа навистина е интимен момент, буквално само 15 минути влеговме внатре. Но, во документаристиката тоа е експлозивниот момент. Се двоумевме околу тоа, но сфативме дека тие моменти даваат тежина на документаристиката и одлучивме дека ќе ги снимиме, смртта, раѓањето на животот, рече кинематограферот Фејми Даут.

За монтажерот и продуцент Атанас Георгиев  било кој да недостигал од оваа екипа, филмот немаше да биде ова што е, а во однос на кампањата за негово претставување подвлече дека треба да бидат креативни.

-Од американска призма ние сме кампања со екстремно низок буџет и ќе пробаме да бидеме креативни. Тегличките со мед се дел од креативниот дел од кампањата кои всушност се продаваат од врата на врата и секој плаќа колку што мисли дека треба да даде за тегличката мед и парите одат за заедницата. Лимитирани се тегличките, имаме околу 100 килограми мед, но и членовите на Академијата која доделува Оскар почнуваат да бараат од медот така што станува интересно, објасни Георгиев.

Атиџе по нејзина желба присуствувала на неколку фестивали, но тимот смета дека таа треба да остане пчеларка и да си се врати на нормалниот живот кој и онака и е испревртен по снимањето на „Медена земја“.

-Таа избра да патува во Турција и во САД, но досега не патувала со авион, никогаш не била во хотел, никогаш не гледала филм во кино и сето тоа имавме можност да видиме како и го поремети животот. Инаку таа е родена ѕвезда само досега немала можност да го покаже тоа. Многу добро  се однесува пред камера и пред микрофон, излегува на сцена, компонира песни...За неа, од буџетот кој го имавме, набавивме мала куќа каде што таа има роднини и каде што сакаше да се пресели. Им помагаме и на децата од другото семејство за кои сакаме да излезат на прав пат. Според мене, повеќе би сакал едно од повозрасните деца да го образуваме за филм и да патува со нас по фестивали, отколку Атиџе, рече Георгиев.

Тој потенцираше дека и покрај прикажувањето на оскудните услови за живот, целта е да се пренесе пораката за животната средина, а не убавината или сиромаштијата. Сите сцени се само фасада за приказната која сакавме да ја раскажеме.

 

Известувач од Битола:

Соња Јаќовска -Самарџиева