ЗДРАВЈЕ

21 септември- Светски ден на Алцхајмерова болест

20.09.2019 12:15

Активности за подигнување на свеста за предизвиците со кои се соочуваат пациентите со Алцхајмерова болест и деменција, како и нивните најблиски

Светскиот   ден на Алцхајмерова болест се одбележува секоја година во голем број земји од светот, па и кај нас, со цел да се подигне свеста за предизвиците со кои се соочуваат пациентите , како  и  тешкотиите и обврските на  нивните најблиски. Главните активности на Здружението за Алцхајмерова болест се подигнување на свеста преку превентивно едукативни предавања, постојани предавања на факултетот  “Трето доба”, средби со граѓани и разговори со нив, издавање публикации,  посета на домови за стари лица, инволвирање на учениците  и студентите по медицина во активностите на  Здружението и  учество на Светските Конференции за Алцхајмерова болест. Здружението е полноправна членка на ADI ALZHEIMER DISEASE INTERNATIONAL со седиште во Лондон. Др. Драган Илијевски- претседателот на ова Здружение во рамки на активностите за подобрување на квалитетот на животот на болните од деменција и Алцхајмер, има издадено и две книги- “ Како да го сочуваме умот од стареењето” и “Алцхајмерова болест и како да се остане вечно млад”.

Во пресрет на 21 септември- Светскиот ден на Алцхајмерова болест, претставници  на Здружението за  Алцхајмерова болест – на чело со др. Драган Илијевски,  го посетија Средното Медицинско Училиште “Панче Караѓозов” и заедно со професорката Нина Кнаггс, одржаа предавање на тема – работа и нега на лицата со деменција и Алцхајмерова болест. За начинот на препознавање на симптомите , за тоа како болеста се одразува на здравјето и квалитетот на животот на пациентите,  учениците слушнаа и научија на ова предавање.

Алцхајмеровата болест и после многу години од поставувањето на првата дијагноза за неа е недоволно познато и истражено поле  за современата медицина. Сепак, факт е дека  е неопходна соодветна здравствена заштита  и поддршка на пациентите со Алцхајмерова болест и нивните семејства од институциите, но и од сите нас.  Токму активностите по повод  овој ден-21 септември- Светскиот ден на Алцхајмерова болест, ќе не потсетат  на тоа.