МАЛА БОГОРОДИЦА

Рождество на Пресвета Богородица -Мала Богородица

20.09.2019 12:20

Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица) е еден од големите празници на Светата православна црква.

Иако овој празник се смета за почеток на сите празници, сепак, тој почнал да се празнува многу подоцна. Дури откако ослабнало паганството, христијаните, покрај на Исус Христос, можеле да и оддадат заслужено признание и на неговата мајка.

   Раѓањето на Богородица не било ни случајно ни обично, затоа што идната мајка на Спасителот Исус Христос требало да се роди од свети, чисти и праведни родители. Тие, исто така, требало да бидат од двете еврејски лози од Давидовата и Ароновата, бидејќи од првата произлегувале еврејските цареви, а од втората, старозаветните првосвештеници. Во тоа време меѓу малкуте праведни луѓе во градот Назарет биле и родителите на Пресвета Богородица, Јоаким и Ана. Јоаким бил токму од царскиот род Давидов, а Ана од родот на првосвештениците. И двајцата биле многу скромни, побожни и добри, ги помагале сиромасите и болните, а ги советувале младите. Од приходите што ги имале една третина задржувале за себеси, една давале на храмот, а една третина раздавале на сиромасите. Но, биле многу несреќни затоа што немале деца. Во тоа време немањето пород се сметало за последица на божја казна за некој голем грев па и за нив многумина се сомневале дека во себе кријат токму таков грев. Јоаким и Ана постојано, искрено и со солзи го молеле Бога да им даде рожба и да го симне срамот од нивниот образ, ветувајќи дека ќе ја воспитуваат во вистински благочестив дух и дека ќе ја дадат да му служи во храмот.

Јоаким и Ана биле убедени дека со молитви ќе го смилостиват Бога да ги дарува со рожба, иако биле во поодминати години. И навистина Бог ги слушнал молитвите на праведните Јоаким и Ана и по Архангел Гаврил пратил вест дека ќе добијат женско чедо кое ќе се прослави. Така се родила Марија- мајката божја која вистинското признание го добила во подоцнежното христијанство. Благородната Марија и нејзиниот сопруг Јосиф и духот Господов кој го зачнал Исус се почетокот на Христијанската религија, на верувањето дека чуда се можни. Многу икони се насликани со ликот на Пресвета Богородица а за многу од нив се смета дека се чудотворни. Многу македонски храмови  го носат името Св. Богородица. Меѓу народот постои верување  дека им помага на мајките, леунките и неродилките.Ова потсетување на празникот Мала Богородица или Рождество на Пресвета Богородица , ќе завршам со молитвата за Богородица.

Радувај се Благодатна Маријо,

Господ е со Тебе,

благословена си Ти меѓу жените,

и благословен е Плодот на Твојата Утроба ,

зашто си Го родила Спасителот на нашите души.

Соња Стојановска