МАКЕДОНИЈА

Европска недела на мобилност

20.09.2019 14:45

Со велосипедски дефилеа се одбележува денот без автомобили

Во Скопје и во уште 12 градови денеска се одржуваат велосипедски дефилеа со што се одбележува светскиот ден без автомобили. Велосипедот како алтернативно превозно средство се промовира повеќе години наназад се со цел намалување на емисијата на штетни гасови односно намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух. Град Скопје во таа насока, продолжува со реализирање на проектот за обновивање и изградба на велосипедски патеки што ќе овозможат непречено користење на велосипедите.

Велосипедското дефиле по повод одбележувањето на Денот без автомобили 2019 ќе стартува во 11:30 часот од паркот „Ибни Пајко“ зад Националната филхармонија. Велосипеди ќе возат скопскиот градоначалник Петре Шилегов, в.д. шефот на делегацијата на ЕУ Џулијан Васало, државниот секретар при Mинистерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска, повеќе амбасадори, претставници на ЕУ, пратеници во Собранието и ученици од скопските средни училишта.

Велосипедистите ќе се движат по улицата „Филип Втори Македонски“ и булеварите „Гоце Делчев, „ВМРО“, „Партизански одреди“, „Осми Септември“ и „Илинден“. Велосипедското дефиле, на кое можат да се приклучат и сите граѓани, ќе заврши кај Школката во Градски парк, каде во 12 часот ќе почне забавната програма. Повеќе среќни добитници преку лотарија ќе добијат велосипеди, кациги и други додатоци, како симбол на користење на алтернативни превозни средства.
Освен во Скопје, велосипедски дефелеа ќе има и во Велес, Гевгелија, Тетово, Битола, Штип, Неготино, Кочани, Струмица, Охрид, Прилеп, Крива Паланка, Лозово и во скопските општини Шуто Оризари и Карпош.

Како дел од Европската недела на мобилност и дел од настаните на Недела за иднината, денеска, 20 септември од 10.30 до 12 часот ќе се одржи Велосипедско дефиле низ улиците на Охрид, кое ќе започне од пред зградата на Општината. Велосипедското дефиле ќе се одвива по улиците „Димитар Влахов“,„Кузман Јосифовски“ од пресекот со ул.„Димитар Влахов“ до пресекот со ул.„Партизанска“, ул.„Партизанска“ од пресекот со ул.„Кузман Јосифоски“до пресекот со ул.„Јане Сандански“ и дел од ул.„Јане Сандански“ од пресекот со ул.„Кеј Македонија“ од ул.,,Кеј Македонија“ преку мост ,,Билјанини извори“ до плажа ,,Амброзија“ и назад до ул.,,АСНОМ“ од ул.,,АСНОМ“ до ул.,,Булевар Туристичка “ од Булевар Туристичка “ по ул. ,,Димитар Влахов“ до Општина Охрид.

На крајот од дефилето следуваат награди за учесниците во настанот.


Европската недела на мобилност годинава се одбележува во 2.952 градови во 48 држави во Европа и низ целиот свет.