САД

Пентагон праќаат војска во Саудиска Арабија

21.09.2019 14:22

Зариф: Санкциите се показател за американскиот очај

„Новите санкции се показател за американскиот очај“,  изјави шефот на иранската дипломатија Зариф откако Вашингтон ја санкционираше централната банка на Иран.  Пентагон испраќа трупи во Саудиска Арабија,  а Хутите бараат компромис со коалицијата која војува против нив во Јемен.

Пентагон испраќа воени сили во Саудиска Арабија поради нападите врз нафтената инфраструктура на Кралството. Министерот за одбрана на САД Марк Еспер тврди дека распоредувањето е поради одбранбени причини, но не го прецизира бројот на мобилизирани војници. Операциите опфаќаат интензивирање на воздухопловната и ракетната одбрана, како и забрзување на доставата на воената опрема до Саудиска Арабија и до Обедиентите Арапски Емирати кои веќе побарале помош. Јеменските бунтовници презедоа одговорност за нападите врз двата нафтени погона, но Вашингтон и Ријад и натаму го обвинуваат Техеран чиешто производство на нафта е преполовено. Оттаму, пак, ги негираат сите обвинувања за вмешаност во инцидентот.

Марк Еспер - Министер за одбрана на САД

Сите знаци укажуваат дека Иран е одговорен за нападот. САД се на терен во Саудиска Арабија. Саудијците ја водат истрагата и ние ќе ги оставиме да ја водат во однос на форензиката. Поради тоа ќе треба да почекаме и да ги видиме доказите.

Претседателот Доналд Трамп воведе нови санкции против Иран, нагласувајќи дека сака да избегне воен судир. Со новите казнени мерки е опфатена и Иранската централна банка.

Мохамад Џавид Зариф - Министер за надворешни работи на Иран

Ова не само што е непочитување на обврските од Договорот, туку и на меѓународните принципи со кои се бара имунитет на централните банки на суверените земји. Нашиот став е јасен. Ние не сакаме конфликт. Сакаме да го спасиме Нуклеарниот договор.

Во меѓувреме, саудиската државна нафтена компанија „Арамко“ објави дека производството во нејзиниот најголем објект „Абкаик“, кој беше оштетен во нападот со дрон, ќе биде целосно обновено до крајот на септември.

Хутите ветија дека ќе ги запрат сите напади врз Саудиска Арабија доколку тоа го стори и коалицијата која се бори против нив. Во 2015 година, со поддршка од Западот, муслиманската сунитска група, предводена од Заливското кралство и Обединетите Арапски Емирати почна воена интервенција во Јемен откако Хутите во 2014 година ја симнаа од власт меѓународно признатата влада во Сана.