Фолклорната традиција ги обединува народите
Заврши 34-то издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо“
Пет фестивалски денови со голем број учесници

По петте фестивалски дена, со гала концертот што се одржа во четвртокот вечерта во Виница и со настап на ансамбли и групи од странство и Македонија, заврши 34-то издание на меѓународниот фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо 2019“.
Манифестацијата, чиј организатор е Фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибањe, започна со фолклорно дефиле и настап на сите учесници на фестивалот. Истата вечер беше организирана и Македонска национална вечер на која домаќините го презентираа најдоброто од македонската кујна.
Годинава присуствaa 18 културно-уметнички друштва и фолклорни ансамбли од Словачка, Словенија, Израел, САД, Албанија, Србија, Турција, Украина, Косово и Македонија.
Во рамки на програмата беше поставена и изложба за истибањскиот фолклорен ансамбл, потоа се одржа и традиционалното рачно зажнејување ориз, како и посета и запознавање на гостите со културно-историските знаменитости на Виничко.
По настапот во Истибањe, учесниците на фестивалот се претставија и пред публиката во Виница и Македонска Каменица, а во текот на манифестацијата се одржаа национални вечери на секоја од земјите учеснички.
Покровител на фестивалот е Општина Виница, а финансиската поддршка беше обезбедена од стопанските субјекти од регионот.
Борче Брзанов
