Намалено производство и зголемен увоз
Млечната индустрија се соочува со сериозни предизвици. На сметка на домашното производство се зголемува увозот, изумираат малите фармери. Дополнителен проблем има и со несоодветното чување на производите.

Домашното производство се намалува, малите фармери се борат да преживеат, има проблем со несоодветно чување на производите што ја доведува во прашање нивната безбедност. Млечната индустрија се соочува со низа проблеми. Во последните десетина години значително е опаднат и бројот на грла и откупот, а увозот е зголемен.
„Во делот на увозот на млеко, за нас е алармантно што споредено со 2006/2007 година, кога имавме увоз од 22,6 милиони литри, лани завршивме со увоз од 36,5 милиони литри, што претставува зголемување од 50%“, изјави Васко Ристовски, Стопанска комора на Македонија
Малите фармери, кои имаат само по неколку грла добиток, не се доволно продуктивни, ја губат битката со конкуренцијата. На пазарот е во тек процес на окрупнување. Се врши категоризација на одгледувалиштата, ќе се стимулира квалитет за да се задоволат европските стандарди.
„Програмите за субвенционирање за прва категорија ќе бидат зголемени за 1,5 или за 2 денара, тоа зависи од Владата и од Министерството. Ова претставува дополнителна стимулативна мерка која има за цел да се подобрат условите за чување и за добивање на висококвалитетно млеко“, изјави Илија Георгиев, Агенција за храна и ветеринарство
Млекото и млечните производи треба да се чуваат на температура од 2 до 8 степени, но не секогаш се почитува таканаречениот „ладен синџир“, што почнува уште од фармите, а продолжува со транспортерите и трговците.
„Прекинувањето на „ладниот синџир“, каде било во текот на снабдувањето, го скратува рокот на траење на производот, ги нарушува својствата на производите што сме се потрудиле да ги постигнеме, и на тој начин губат сите учесници во оваа економска дејност“, изјави Ѓорѓи Петрушев, претседател на Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко
Агенцијата за храна уверува - граѓаните пијат безбедно и квалитетно млеко. Најголем дел од поплаките на купувачите се за изминат или неточен рок, како и за продажба на девакумирани производи.
„Во изминатата година, бројот на поплаки поврзани со храната и млечната индустрија е сведен на минимум. Најчест случај е пријавување на производи со поминат рок“, изјави Стефан Момиќ, Организација за заштита на потрошувачите
Деновиве почнува кампањата со крајна цел – млечните производи да се чуваат на соодветна температура и да се одржи „ладниот синџир“.
Новинар: Мартин Пушевски
