Психологија-совети за здрав и безгрижен живот
Во нашите мисли е почетокот на сите наши стресови, проблеми и страдања.Тема на работилницата насловена – “Почеток и крај на сите ваши страдања”, на која ќе се работи познатиот метод “Работата на Бајрон Кејти”.

Кога ќе престанеме да се заморуваме и да веруваме во негативните мисли, животот ќе ни стане многу полесен и подобар. Во мислите кон кои се приврзуваме, без да знаеме дали се тие точни или не, е почетокот на сите наши страдања, проблеми и стресови...Токму на оваа тема во текот на утрешниот ден- 25.09.2019 год. ќе се одржи работилница насловена – “Почеток и крај на сите ваши страдања”, на која ќе се работи познатиот метод “Работата на Бајрон Кејти”.
Заслужна за организирањето и реализирањето на овие работилници е психолог Наташа Митровска.Според неа-“ Мислите постојано се појавуваат во нашиот ум. Ние немаме контрола над нив, исто како што немаме над појавувањето на облаците на небото и нивното движење. Тие, едноставно, доаѓаат и си одат. Проблемот настанува тогаш кога се идентификуваме со мислите и веруваме во нив. Безусловно. Без воопшто да се запрашаме дали се вистинити”.
Таа вели и дека “повеќето луѓе веруваат во скоро секоја мисла што ја имаат. Тоа е затоа што тие веруваат дека тие СЕ нивните мисли. Ова создава длабока идентификација со мислата, па верувањето во неа се изедначува со верување во себеси, односно во сопствениот идентитет. Мислите постојано ни се појавуваат во форма на бескрајни коментари, вреднувања, судови. Правиме споредби со минатото или со замислената иднина. На овој начин мислите, кога веруваме во нив, постојано се спротивставуваат на сегашниот момент. Како резултат на ова, ние страдаме. Зошто? Затоа што кога верувате во нешто, вие сте „заробени“ во тоа верување и на сè околу вас гледате од таа перспектива. Не сте отворени за нешто ново или поинакво што може да произлезе во сегашниот момент. Тој конфликт со сегашната ситуација, тој отпор, всушност, претставува страдање - бидејќи се идентификувате со своите верувања, кога ќе се случи нешто што не е во склад со нив и што, според вас, не треба да биде така, се чувствувате растргнати“...
Психолошкото советувалиште „Концепција“ ја започнува новата сезона во изучувањето на револуционерниот метод Работата“ на Бајрон Кејти. Целта на овие работилници е да научите како сами да ја применувате „Работата“ во својот живот. Ако сакате да ставите крај на страдањата и да постигнете траен душевен мир среде хаосот околу себе, тогаш овој метод е за вас. Луѓето што го користеле овој процес честопати го делат својот живот на „пред“ и „после“ Работата.
За повеќе информации за книгата „Да се сака тоа што е“ од Бајрон Кејти погледнете на:
http://koncepcija.mk/bajronkejti.html
Повеќе информации за Бајрон Кејти и за „Работата“ може да најдете на: http://thework.com/sites/thework/makedonski/
Јасмина Никова
