ЕКОНОМИЈА

Компаниите не можат да најдат соодветен кадар

24.09.2019 15:50

Невработени има, кадар со потребните вештини ни за лек.

Образованието не обезбедува квалитетни работници, оценуваат компаниите. Бараат драстична промена на државните политики. Првиот човек на Стопанската комора смета дека и бизнисмените ќе треба да преземат акција.

Работната сила не ги задоволува потребите на компаниите. Вештините на оние кои бараат ангажман не одговараат на отворените позиции на пазарот на труд. Образовниот систем е гломазен и неефикасен, оценуваат бизнисмените. Првиот човек на Стопанската комора со став – државата потфрли со политиките, работодавците да ги преземат работите во свои раце.

„Видовме што направи државата од образованието, 195 факултети и 135 средни училишта, со никаква реакција за укинување на ниту едно. Видовме што државата направи со статусот на професорите, кои се доведени до просјачки стап, а ние сакаме да ни ги воспитуваат децата. Не треба да креваме бука и да бараме регулација од државата, стимулации и субвенции, туку треба да направиме нешто што е интересно за нас. Работодавачите и големите компании се моќни и сами да финансираат паралелки“, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија

Дури 35% од работодавците сметаат дека високообразованиот кадар нема додадена вредност во однос на лицата со средно. Мал дел од оние кои завршиле факултет работат во струката. Излез се бара во квалитетно дуално образование, во флексибилни обуки и курсеви, практика, во промена на уписните политика на факултетите.

„Имаме образовани ученици кои што не можат да излезат во пресрет на потребите и барањата на стопанството затоа што немаат доволно стручни вештини, а од друга страна имаме високообразован кадар кој што не сака да работи мануелни работи. Мораме да ја смениме перцепцијата и да го подобриме стручното образование“, изјави Наташа Јаневска, Стопанска комора на Македонија

„Многу каскаме зад Европа во однос на доживотното учење. Само 2,3% од населението од 25 до 64 години посетува некој тип на обука, а тоа во ЕУ е 11%. И кај оние кои работат има големо несовпаѓање на вештините“,, изјави Никица Мојсоска – Блажевски, директор на „Македонија 2025“

Одливот на мозоци ќе продолжи, квалификуваните кадри бараат поквалитетен живот.

„Како можеме да дозволиме да инвестираме во нешто, а да не добиваме поврат на таа инвестиција и да дозволиме таа инвестиција да си оди?“, изјави Ирена Јакимовска, бизнисменка

Учесниците на дебатата рекоа дека итно се потребни промени, бидејќи наскоро е можно да случи при илјадници невработени, земјава да увезува кадар.

 

Новинар: Мартин Пушевски