ИЗЛОЖБА

Самостојна изложба на Дарко Аницин „ЛИЧЕН ПЕЧАТ“

24.09.2019 14:22

Самостојната изложба на графичарот и графички дизајнер ДАРКО АНИЦИН ќе биде отворена в петок (27.09.2019) во 20:00 во Музејот на град Скопје во галеријата на ГРАФИЧКО СТУДИО

На изложбата „ЛИЧЕН ПЕЧАТ“ Аницин се претставува со 16 акрилни цртежи, групирани во три различни димензии. Дел од делата се самостојни, а дел од нив се групирани во диптих и триптих.

За неговото творештво, Атанс Ботев, раководителот на Графичко студио, вели: „При првичната средба со цртежите на Дарко Аницин се наметнува впечатокот дека станува збор за отпечатени графички листови. Таквиот впечаток е сосема логичен ако се земе предвид дека Аницин е графичар по вокација. Графичкото искуство го применил и во своите цртежи, особено во третманот на валерските односи (суптилноста и мекоста на сивите тонови потсетува на етканица) коишто во спрега со жестоко изразеното кјарокурско образуваат фина органска целина. Беспрекорно чистите маргини со коишто се „врамени“ цртежите, укажуваат на дисциплинарност и педантност – основен императив за бавење со графика.
Неговиот авторски израз е вкоренет во долгогодишната традиција на апстрактната уметност, поточно акционото сликарство (action painting) и јапонската калиграфија. Усвојувајќи ја гестуалната сликарска постапка на Франц Клајн (широки црни потези на бела површина) и  Џексон Полок (dripping) авторот креира истовремено спонтани и експресивни цртежи во коишто ги проектира своите емоции, активирајќи ги при тоа потсвесните содржини на меморијата и извесни центри во себе во коишто е наталожено сето негово искуство кое што ретроспективно се протега дури до најраното детство – фаза во којашто секое дете низ цртеж го конкретизира своето доживување на светот околу себе. Како и многумина други уметници, Аницин е фасциниран од непосредноста на детските цртежи (поттик за своето творештво меѓудругото наоѓа и во цртежите на својата ќерка) кои отсекогаш претставувале идеал, ултимативен изблик на чиста, неповторлива креација.“

Дарко Аницин е роден 1977 година во Скопје. Аницин е академски графичар и дизајнер. Своето образование го стекнал во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ , а потоа на факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.

Создава графики, цртежи и слики со современ, специфичен стил на творење со истакнати и рафинирани визуелни поентирања, што од прва рака говори за неговиот графичарски манир на прецизност, чиста и јасна мисла и длабок квалитет на академски уметнички израз.