КИНЕНОВА

4. издание на Интернационалниот фестивал „Киненова“

25.09.2019 18:31

Од 4 до 13 октомври се одржува четвртото издание на Интернационалниот фестивал „Киненова“

„КинеНова“ го претставува своето четврто издание со, нескромно, можеби најдобрата филмска програма досега. Седумте филмови во официјалната селекција од кои на крајот жирито ќе ги избере најдобрите, надополнети со неколку возбудливи споредни програми, се вистински мамец за филмските сладокусци и оваа година да го посетат Интернационалниот фестивал на дебитантски филмови и да уживаат во понудената порција од совршени филмски колачиња.

Многу ни се допаѓа што токму балканската кинематографија во последниве години е таа која дава некои од највозбудливите авторски имиња, а меѓу нив рамноправно фигурираат и почетниците, оние со прв или втор авторски филм зад себе. Токму таквата ситуација и го детерминираше нашиот избор фокусот во официјалната селекција да биде ставен токму на неколку нови и свежи во својот пристап балкански филмски остварувања, кои веќе зад себе имаат и неколку фестивалски награди. Од ценетата грчка кинематографија ни доаѓа филмот „Сожалување“ на Бабис Макридис, сценаристички потпишан од Ефтимис Филипу, соработникот на предводникот на т.н. „чуден бран“ во грчкиот филм, Јоргос Лантимос. Потентната бугарска кинематографија ни го „подарува“ неверојатниот филм „Прасето“ на храбриот Драгомир Шолев, додека „Алекси“ на Барбара Викариќ е претставник на новиот хрватски „женски“ бран во филсмката уметност.

По минатогодишниот апсолутен „КинеНова“ победник „Блискост“ на Kантемир Балагов, руското ново кино годинава на фестивалот достојно ќе го претставува прекрасниот „Човекот кој ги изненади сите“ на двоецот Наталија Меркулова и Алексеј Чупов. Од секогаш возбудливата јужноамериканска кинематографија, од Бразил ни доаѓа симпатичниот „Сократес“ на Алешандре Морато, а за жанровско збогатување на понудата во официјалната конкуренција, годинава имаме и еден документарен филм, германскиот „Љубовен автомобил“ на Елкe Леренкраус, приказна за ноќните дами крај еден автопат на северот од земјата.

Покрај овие седум исклучителни остварувања во трка за наградите, продолжуваме со претставување на возбудливи автори од современата турска кинематографија, па годинава наша и Ваша гостинка е наградуваната Јесим Устаоглу, потоа, тука се и петте филма кои се дел од „Лукс“ наградата на Европскиот парламент, вклучувајќи ги и двете македонски остварувања, „...Петрунија“ и „Медена земја“, како и пост-фестум проекциите на современата унгарска кинематографија, кои не смеете да ги пропуштите. Секако, да не ги заборавиме и филмот на отворање, „Таткото“, актуелниот победник на фестивалот во Карлови вари летово, како и специјалната проекција на контраверзниот „Путиновите сведоци“ на Витали Мански, минатогодишен победник на истиот фестивал во документарната секција.

Се’ на се’ сигурен сум дека, од програмски аспект, четвртото издание на „КинеНова“ ќе биде едно од оние, незаборавните. Се гледаме на проекции на одлични филмски остварувања,  пишува Игор Анѓелков програмскиот селектор на фестивалот во воведниот текст на каталогот.

Директорот на Киненова МФФ, НебојшаЈовановиќ, ќе изјави:

Имам чувство дека во последниот период некако се заборави на зборот авангарда, на работите, луѓето и делата кои се авангардни.
Како сите да не можат да дишат или да преживеат и духовно и материјално доколку не се дел од општата колотечина, од главниот тек на работите, од сеопштата матрица која мора да не води таму каде што сите треба да одат иако баш и не се знае каде.
А ако нешто треба да биде вистински живо, како што сите сакаме, тогаш тоа треба да е со слободна волја и самодетерминирано, како што велат аксиомите на животот.
Ако типичните фрази на современата македонската општествена стварност се: „Ја нисам одавде!“ или „нас никој не не прашал или кажал„ или “јас немам врска со тоа“ или “кој го прашува народот“, тогаш Киненова како простор за уметнички пркос, како една противречна сила која се спротивставува на производите на масовната култура и на општите текови за целосна индустријализација на сите општествени сегменти, го свртува вниманието кон оние кои гребат под површината, оние кои имаат став и велат: “Не може без нас да не прашаат; јас можам да направам нешто заедно со другите.“
Тука ќе се согласам со програмскиот директор на Киненова МФФ, Игор Анѓелков дека го имаме програмски најквалитетното и најиздржано фестивалско издание оваа година. Но она што посебно избликнува од оваа програма е токму филмските автори и дела кои пркосат со храброста и одлучноста да се промени лошата реалност. Во тој контекст имаме храбри филмови кои одлучно доаѓаат до сржта на проблемите.

Ова сето значи дека Киненова МФФ не отстапува ни милиметар од својата авангардна патека.

Ја повикувам публиката да ја истражи Киненова 2019 и да се припреми за вистински филмски изненадувања.