Трамп: Не вршев притисок врз Зеленски
Демократите покренаа постапка за импичмент на Трамп

Лидерите на САД и на Украина негираат дека заговарале нарушување на угледот на политичкиот ривал на Трамп, Џо Бајден. Демократите покренаа постапка за негово отповикување од функцијата поради наводна злоупотреба на должноста.
„Ова е најголемиот лов на вештерки во американската историја“, изјави претседателот Доналд Трамп алудирајќи на постапката за негово отповикување од должноста покрената од демократите. Претставничкиот дом на Конгресот тврди дека челникот на Белата куќа и лидерот на Украина Зеленски се обиделе да го нарушат угледот на поранешниот потпретседател на САД Џо Бајден којшто е политички ривал на Трамп на претстојните избори. Аферата почна откако Министерството за правосудство објави транскрипт од контроверзен јулски телефонски разговор во кој Трамп бара од Зеленски да провери, дали Бајден ја прекинал истрагата за украинската енергетска компанија, вмешана во корупциски скандал, во која работел неговиот син Хантер. Пред разговорот, Вашингтон замрзна речиси 400 милиони долари помош за Киев.
Доналд Трамп - Претседател nа САД
Почнаа голем лов на вештерки, се надевам дека ќе ги разоткријат сите. Постои голема корумпираност, како и во минатото. Ви зборував за сенатори кои му се закануваа на Обама со гласови и прекинати фондови за Украина ако направат нешто. Токму тоа се обидуваат да кажат дека сум го правел и јас, но разликата е во тоа што јас не го сторив тоа. Преслушајте го разговорот. Совршено добар беше. Немаше „квид про-кво“ како што имаше кај Бајден и тие сенатори.
Бајден не е изненаден од однесувањето на Трамп. Го обвини за загрозување на националната безбедност и недолично однесување на американски лидер.
Џо Бајден - Кандидат на Демократите за Претседателските избори
Кога се кандидирав знаев дека овој претседател ќе ме напаѓа исто како и секој што го смета за закана до победата. Тој е таков. Секогаш бил таков. Иако секоја објава против мене беше анализирана и прогласена за неоснована, тоа нема да го запре. Јас знам како да се справам со политички напади, тие доаѓаат и си одат, наскоро ќе бидат заборавени. Но ако му дозволиме на претседателот да се извлече со непочитување на Уставот, тоа ќе трае вечно.
Идната година на 3 ноември, американскиот народ ќе гласа за 46. претседател.
