ИЗЛОЖБА

Ранко Дакиќ изложува во Музејот на современата уметност - Скопје

27.09.2019 09:48

Од 24 септември до 14 октомври годинава во Музејот на современата уметност – Скопје поставена е самостојна изложба на ликовниот уметник Ранко Дакиќ насловена како ,,ЕГЗИЛ,,

Изложбата презентира педесетина дела (цртежи, слики и скулптури) кои што авторот ги работи во последниве триесетина години односно по неговото напуштање на Македонија во 1987 година.

- Тоа се творби остварени во Берлин од 1988 па до денес. Тука нема никакви специјални концепти и програми, за таков луксуз немаше време. Единствен концепт за овие 32 години беше, како да се преживее со сите турбуленции, биолошки и ментално, и да се танкува нова енергија, вели Дакиќ кој прв пат изложува во Скопје.

 

 

Запрашан за концептот на творештвото на Ранко Дакиќ, историчарот на уметност и ликовен критичар Златко Теодосиевски, кој е кустос на оваа изложба, а воедно и автор на монографијата за овој уметник, за МТВ ќе изјави:

За многумина кај нас уметноста на Ранко Дакиќ е целосна непознаница. Како што беше впрочем и за мене до неодамна, иако бев на неговата изложба во Берлин во далечната 1995 година во Galerie-Café Dix. Ама оттогаш поминаа многу години, а патиштата повторно ни се вкрстија пред само три години, повторно во Берлин. И од тогаш почнаа разговорите за оваа изложба – прва негова изложба во Скопје, каде што е роден, се школувал во Средното уметничко училиште (1973-1978), дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во класата на Петар Хаџи Бошков (1980-1984) итн. Што самото по себе е куриозитет, но притоа мора да се има предвид дека од 1987 година Дакиќ постојано живее и работи во Берлин!

Оттука, „дијалогот“ со уметноста на Дакиќ (создавана во распон од повеќе од триесет години главно во Берлин) се темелеше на неколку тези:

Прво, творештвото на Ранко Дакиќ не цели да ни открие зачудувачки новости во сликарството или скулптурата. Впрочем, тоа денес тешко да може да го направи кое и да е’ творештво. Но може, на пример, да ни го отвори неговиот внатрешен свет, а може и неочекувано да ни помести некои граници во македонската ликовна уметност.

Второ, уметноста на Дакиќ не сака да биде национална. Па ни интернационална. Таа цели да биде анационална односно сака да биде само - уметност. Во извесна смисла таа е егзистенцијална. Но не егзистенцијалистичка во философската смисла на зборот, туку како некаков личен творечки одговор на егзистенцијалните дилеми, на разбирањата на уметноста, на истражувањата на личните перцепции на визуелното ама и на личните страсти, ст(р)авови, победи и порази ...

Трето, уметноста на Дакиќ не признава стил и/или развој. Се’ што уметникот ќе создаде е негов „стил“ и негов „развој“, неговата уметност е тој – лично и персонално – и тој е неговата уметност. Целосно и неотповикливо.

И конечно, поимот егзил во контекстот на оваа изложба и во контекстот на вкупното творештво на Дакиќ нема ама баш никакви политички импликации иако целата негова изложба е контекстуализирана под овој поим. Меѓутоа, кога говориме за „егзилот“ на Ранко Дакиќ главно го подразбираме неговиот само-егзил, самопрогон, еден вид духовен и потоа и физички само-егзил од матичната средина. Тоа, тој духовен самопрогон е пред се’ чувство, се разбира, кое веројатно тлее, но расте – кај него уште од времето на студентските денови – до одлучувачкиот миг. Тоа е мигот кога нештата мора да се разрешат, на еден или на друг начин, кога состојбата постанува неподнослива и бара катарза. Таа катарза, тој духовен самопрогон кај Дакиќ започнува со одлуката да замине прво за Париз, а потоа за Берлин. Тој триесетгодишен самопрогон преточен во неговото сликарство и скулптура деновиве за прв пат е претставен пред македонската јавност во Музејот на современата уметност во Скопје.

 

Подготви: Сандра Титизова