БЛИСКИ ИСТОК

Ердоган: Анкара ќе купува нафта од Иран

27.09.2019 13:53

Пентагон праќа одбранбен систем „Патриот“ за Саудиска Арабија за заштита од евентуален напад од Иран. По ударот врз нафтената инфраструктура, Иран остана со преполовен капацитет на нафта, но вети дека ќе ги обнови залихите.

„Анкара и натаму ќе купува гориво од Иран“, тврди претседателот на Турција Ердоган. Големите сили повторно го предупредија Техеран за обврските од нуклеарниот договор.

„Турција нема да престане да купува нафта и природен гас од Иран“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Додаде дека не се плаши од евентуални санкции од Вашингтон, а соработката со Иран ќе продолжи по нормален тек. Лани Турција добила над 25 милиони тони нафта од оваа заливска земја.

Реџеп Таип Ердоган - Претседател на Турција

Меѓународната заедница ја губи способноста да најде трајни решенија за предизвиците, како што се тероризмот, сиромаштијата, климатските промени, кои се закана за иднината на сите. Светот е поголем од петте постојани членки на ОН. Крајно време е да ги смениме менталитетот, институциите, организациите и правилата.

Претходно, американскиот државен секретар на САД Мајк Помпео најави нови санкции за Кина поради водење бизнис со Иран. Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека не сака воен конфликт со никого, но штитењето на националните интереси останува приоритет на неговата администрација. Ги повика сите нации да дејствуваат.

Доналд Трамп - Претседател на САД

Иран не само што е најголемиот спонзор на тероризмот, туку е и разгорувач на трагичните војни во Сирија и Јемен. Режимот ги уништува националното богатство и иднината со својата фанатична потрагапо нуклеарно оружје.

Покрај 200 американски војници, Пентагон праќа и одбранбен систем „Патриот“ и четири радари на Саудиска Арабија за помош од евентуален напад од Иран. Одлуката за воено засилување е донесена поради неодамнешните напади врз нафтената инфраструктура на Саудијците за што Вашингтон го обвинува Техеран иако јеменските Хути презедоа одговорност.

Иран доби предупредување и од трите потписнички на ЕУ на Нуклеарниот договор. Велика Британија, Франција и Германија најавија посебен механизам за спорови доколку Техеран и натаму ги прекршува обврските од Пактот, практика што ја почнаа откако САД се повлекоа од Спогодбата.