ЕКОНОМИЈА

Власта најави инвестиции, опозицијата критикува

28.09.2019 18:32

Власта најави странски инвестици вредни стотина милиони евра. Се преговара со американски компании.

И додека креаторите на политиките се фалат со вложувањата, опозицијата критикува – во годината прогласена како економска, странските директни инвестиции се на најниско ниво.

Владиниот економски тим во Њујорк на средби со американски компании кои планираат да инвестираат во земјава. Дел од нив биле блиску до носење одлука за вложување од стотина милиони евра. Имиња засега не се откриваат, но станува збор за компании кои работат со висока технологија. Се проценува дека ќе се отворат од 300 до 500 работни места за високостручни кадри. Првиот човек на зоните очекува позитивен исход од разговорите.

„Ние сме во последни преговори со овие компании. Не се работи за месец или два, туку за некоја недела по што ќе ги објавиме. Со тоа, годинава ќе заокружиме еден поголем инвестициски сегмент“, изјави Александар Младеновски, директор на ТИРЗ

Власта е охрабрена од августовскиот раст на индустриското производство за 9,8 проценти. Од почетокот на годинава, индустријата е во позитива од 5,5 отсто.

„Ако се земе предвид дека индустриското производство е сериозен генератор на БДП во нашата држава, очекуваме дека бројките за третиот и за четвртиот квартал за растот на БДП ќе бидат сериозно големи. Последователниот раст во неколку квартали кажува дека македонската економија се движи во правилна насока“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања 

Последните податоци на Народна банка покажуваат дека во првото полугодие во земјава влегле странски директни инвестиции во вредност од 55,6 милиони евра. Ова, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ е слаб резултат во година која власта ја најави како економска. Според поранешниот министер за финансии Славески, само две индустриски гранки одат напред, другите значително опаѓаат.

„Индустриското производство не е показател за севкупните движења во економијата. Тоа влијае, но дури и да се постигне некоја стапка на раст за цела 2019 година од 3 проценти, тоа е далеку од она што се ветуваше дека ќе биде 5 или 6 проценти, така што не можеме да биде оптимисти. Во однос на странските директни инвестиции, самата цифра говори. Ова е историски најниско ниво на СДИ, ништо од она што беше ветено не доаѓа во Република Македонија“, изјави Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Минатата година беше рекордна, странските директни инвестиции изнесуваа 624,5 милиони евра.

Новинар: Мартин Пушевски