Германија даде зелено светло за преговори со ЕУ
Бундестагот изгласа почеток на преговори со Северна Македонија

Со 476 гласови „за“, 122 „против“ и 16 воздржани, германскиот Бундестаг одобри почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Двете најголеми владеjачки партии, СДУ и СПД, опозициските зелени и либерали дадоа поддршка за преговори, додека популистичката АФД беше против, а левицата делумно воздржана. Како подносители на предлогот, владеjачките конзервативци на канцеларката Меркел и социјалистите го поздравија напредокот на земјава во реформите и постигнувањето на Преспанскиот договор. Во одлуката на Бундестагот стои дека Германија ќе продолжи да го следи исполнувањето на критериумите за членство, особено за владеењето на правото, човековите права и борбата против корупцијата и криминалот.
Изјава Петер Бејер- пратеник на СДУ
„Со одобрувањето на почеток на преговорите се испраќа сигнал до сите млади во обете земји да имаат надеж. Вториот сигнал е до трети земји како Турција, Русија, Кина, Саудиска арабија, кои не сакаат да дојде до приближување до еу. Овој регион е во срцето на европа и во наш голем интерес е да ги испратиме овие сигнали до Западниот Балкан.“
Изјава Кристијан Петри-пратеник во Бундестаг од СПД
„Ова е важен чекор, граѓаните чекаат ваква одлука. Ова е голем чекор за демократијата и за реформите во овие земји. Ова е голем чекор за регионот и за западната ориентација на регионот.“
Изјава Мануел Сарацин-пратеник на зелените
„Двете земји ги исполнија критериумите на ЕУ и сега ЕУ мора да ги го исполни ветеното. Северна Македонија испиша историја со договорот со Грција. Ништо нема да биде подобро ако ги одложиме преговорите.“
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас по завршувањето на гласањето изјави дека поддршката од Бундестагот за отворање на преговори со Северна Македонија и со Албанија е важен сигнал за важноста на Западниот Балкан за ЕУ, но и дека двете земји мора да ги продолжат реформите. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ја поздрави одлуката на Бундестагот истакнувајќи дека признавањето на конкретниот напредок е клучно како поттик за реформи во Западниот Балкан и за кредибилитетот на ЕУ.
На седницата на Бундестагот присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој по гласањето им се заблагодари на германските пратеници. Претседателот Пендаровски на Твитер ја искажа благодарноста за поддршката на Бундестагот за преговорите.
„Вечерва добивме прекрасна вест од Берлин. Бундестагот со огромно мнозинство даде поддршка за ЕУ да ги почне преговорите со Северна Македонија. Конечната одлука ја очекуваме во октомври, што ќе значи признание за граѓаните и институциите и за сите наши одлуки, напори и успеси. Ова е голем поттик, поддржуваме да работиме уште повеќе.“, напиша премиерот Заев на Фејсбук. Шефот на дипломатијата Димитров оцени дека Бундестагот покажал лидерство.
