Одбојка – ЕП 2019, полуфинале на „титаните“
Словенија чека, ќе играат Франција и Србија

Никогаш досега две држави што произлегоа од СФРЈ не играа финале на европско првенство. Франција посакува таа традиција да опстои, не за некаква превласт на западната над балканската одбојка, на пример, затоа што реално такви поделби и не постојат, туку затоа што круната на континентот е доволно привлечна за неа да мечтаат и оние што веќе го спознале чувството како е да се поседува. А можеби тоа носи уште поголема глад за трофеј? Во полуфиналето против Србија, „триколорите“ ќе играат во „Акор арената“ во Париз, за нив како логично продолжување на растечката поддршка на навивачите од групните натпревари во Монпелје, преку елиминациите во Нант, па до денешното полуфинале во Берси. Во три дена четирите најдоби репрезентации на европскиот шампионат ќе ги распределат медалите. Еден сигурно ќе биде за Словенија којашто против Полска вчера уште еднаш покажа дека со помош од трибините може да се скока повисоко, да се смечува посилно, да се размислува побрзо. Токму затоа Франција важи за фаворит против Србија. Но во вакво полуфинале на титаните, може ли некој воопшто да биде фаворит? Србија има девет медали на 12 континентални собири досега, од нив две злата и за неа полуфиналето не беше достапно само двапати. Златната генерација на Нгапет, пак, пред четири години стана рамноправен член на престижното друштво од девет европски прваци и тоа со победа над Србија, но тогаш во четвртфиналето. Моќната и неверојатна серија на „лес блус“ од осум триумфи на последните девет меѓусебни натпревари не им дава голема надеж на Србите, но нивното репрезентативно реноме, како и играчката тежина на поединците, не му даде основа на селекторот Лоран Тили да најави уште една прошетка на теренот како против Италија во вторникот. Напротив, искусниот стратег којшто на Франција и донесе четири медали во последните пет години, се подготвува за како што рече „долг, долг, долг натпревар“. Ако биде така, одбојкарскиот свет ќе ужива. Бидете и вие дел од него, со преносот на Првиот канал на Македонската телевизија, веднаш по дневникот.
