ВЕЉУСА

Со Амбасадорскиот фонд на САД ќе се ревитализира манастирот „Елеуса“

27.09.2019 22:01

Во манастирот „Св. Богородица Милостива (Елеуса)“ во Вељуса на 27.09.2019 беше потпишан грантот од Амбасадорскиот фонд на Соединетите Американски Држави за конзервација и реставрација на овој значаен споменик на културата од средно византиската епоха зачуван на македонската територија.

Грантот го потпишаа амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, и министерот за култура, Хусни Исмаили.

Средствата од овој грант ќе се искористат за комплетна заштита на црквата „Елеуса“, за покривот и фасадата, како и за конзервација на фреските и на иконите и за чистење на мозаиците.
„Министерството за култура во повеќе наврати во изминативе години финансиски интервенираше за заштита на овој значаен белег на културното наследство на Северна Македонија, но со потпишувањето на грантот од Амбасадорскиот фонд на Соединетите Американски Држави ќе се придонесе за ревитализација и за подолгорочна санација и заштита на вредниот објект, како и на живописот кој има единствени  иконографски  решенија  кои биле  инспирација за  натамошниот развој на византиското монументално сликарство“, истакна министерот Исмаили.
Манастирот„Елеуса“ датира од XI век, а нејзините градители имаат влијание од современите архитектонски решенија од византиската престолнина и се одраз на непосредните влијанија од цариградската градителска традиција, информираат од Министерството за култура.

Подготви: Сандра Титизова