Сушата во земјоделството продолжува
Сушата продолжува. Температурите над 30 степени кои се очекуваат и неделава дополнително ќе ги исушат земјоделските површини и ќе ја спречат есенската сеидба.

Топлото време е добро само за собирање на последните плодови во овоштарството, лозарството и во градинарството.
Промената на времето во текот на изминатата недела со повремени врнежи од дожд и тоа само на одредени места за кратко го подобри количеството на влага во почвата, особено каде што паднаа од 20 до 30 литри на квадратен метар, а такви врнежи имаше само во Прилеп, Скопје и во Берово.
Недостатокот на врнежи од околу 80 до 100 литри е и долната граница која е потребна за активно почнување на подготовките за есенската сеидба.
Стабилизацијата на времето во текот на оваа недела со температури на воздухот од околу 30 па и повеќе степени, дополнително ќе ја отежнуваат состојбата.
Ќе продолжи и губењето на влагата во површинскиот слој која можеше да се искористи на парцелите кои беа заорани непосредно после жетвата, а сега ќе останат суви.
Проблемот со сушата и во наредниот период останува актуелен, а е добредојден само за собирањето на винското и на десертното грозје, и за бербата на градинарските и на овошните култури кај кои вегетацијата во овој период веќе е пред крајот.
