Слики и скулптури на Владо Павлески
„Надвор од кутијата“ е насловот на најновата изложба на слики и скулптури на Владо Павлески.

Павлески е архитеткт и магистер по вајарство, кој се посветил на скулптурата и на сликарството. Ликовната критика посочува дека Павлески е формиран во специфична творечка клима на промени во македонската уметност во осумдесетите години на 20 век , дел од промените во светот, и не само во уметноста. Павлески се раководи од сопствениот афинитет и определување во согласност со личните убрдувања насочени кон потрагата на својот изразен облик во доменот на концептуалното. Во својата уметност Павлески се фокусирал на интимни преокупации, но во дослух со одделни трендовски предизвици. Паралелно со индивидуалното определување тој се ангажира со учество на одделни теми или кураторски проекти што се еден пример за номадизам во уметноста. Авторите добиваат чувство на слобода, не робуваат на еден стил или тренд преземен од друга средина или културен простор. Таквите настојувања имаа локален карактер и признанијата кои ги добивавме од југословенскиот уметнички простор, имаа големо значење, но сепак во еден ограничен домен на делување. Павлески отфрлајќи го определувањето за една препознатлива и единствена проблематика, се ориентира кон предметната скулптура, со нео-дадаистички белези, колажи и инсаталација од разни материјали и секогаш со обид да биде различен во пристапот. Во текот на последните години Павлески изработил 105 скулптури излиени во алуминиум со малечок галериски формат. На изложбата ,,Надвор од кутијата” очигледно е настојувањето имагинативното да се развие во чиста форма и токму затоа плоскавата форма е едноставна со мирна напнатост на геометризираните форми или во комбинација со закривени линеарни форми кои сугерираат извесна заокружена орнаменталност на целината. На формата и површината авторот констатира мазна и рапава фактура некаде со декоративни шари, со колористички интервенции или малечки пластични импровизации во подножјето и врз дрвената подлога. Другата серија слики е насловена тријаголници со слични апстрактни мотиви на гестуално сурово сликарство, дела кои можат да се рекомпонираат во просторот. Изложбата на Владо Павлески ќе биде отворана вечерва во Културно информативниот центар во 20 часот..
