ДОМ

Боите на домот

02.10.2019 14:38

Боите на домот влијаат на луѓето што живеат таму, но, и луѓето со својот избор го прават просторот многу поблагороден и попријатен за живеење.

Во просториите во кои доминира една боја има нешто што ги прави домаќините на тој дом сигурни во својот избор и како да праќаат порака дека овде живеат луѓе коишто знаат да го искористат максимумот од потенцијалот на една боја и да се определат за декорации коишто се одраз на нивниот карактер. Боите на домот влијаат на луѓето што живеат таму, но, и луѓето со својот избор го прават просторот многу поблагороден и попријатен за живеење.

Ако не сте сигурни која боја треба да имаат ѕидовите во вашата дневна соба, на завесите,теписите, постелнината или мебелот еве неколку мали совети.

Добро е улогата да не се носи избрзано затоа што боите во домот немаат само естетска улога. Различни нијански различно делуваат на нас: може да нѐ расположат, да нѐ смират, да нѐ поттикнат на креативност, да ни ја потркренат енергијата, и да им кажат и на другите нешто за нас. Боите нека се совпаѓаат со вашата личност.

Белата боја како основа дава многу можности за разиграност на просторот, за комбинации со други бои, со мали детаљи кои ја полнат просторијата, но, истовремено даваат чувство на пространост, хармоничност, складност и модерен изглед. Белата боја симболизира светлина, вистина, слобода, мир. Просторот со доминантна бела боја делува чисто и пространо. Таа е основа за минималистички стил. Препорачлива е за мали станови.

Моќта на елеганцијата и мистичноста се поврзува со црната боја, но, бидете внимателни зашто црната боја визуелно го намалува просторот, а ако ја има премногу амбиентот го прави темен и безживотен. Светските декоратори препорачуваат-на  секоја соба, во каква и да е боја  и треба барем еден црн детаљ.

Сивата иако навидум безлична може да биде добра основа на простор во кој детаљите ќе доминираат над сивата, а таа ќе има улога да ги смири.

Црвената боја е највпечатливата во боите на спектарот. Симболизира енергичност, страст, возбуда , љубов и храброст. Таа се користи ако нешто сакате да истакнете, како перничиња, рамка на некоја слика, да биде детаљ на некој дел во кој доминира едноличност. Но никако нека не бидат сите ѕидови црвени, тоа е многу ризично и создава нервоза.

Жолтата боја е симбол на сончевина, светлина, топлина, но и на ведро расположение и ментална активност. Жолтите ѕидови ќе го направат ентериерот светол, модерен, топол, а пак жолтите детали на друга основа ќе внесат живост и радост, затоа е добро да се користи во дневната или работната соба.

Сината боја е смирена , асоцира на небо, на море, на слобода, но и на чувствителност и мудрост. Сината боја ги намалува напнатоста и стравот. Затоа е препорачлива за спалните и детските соби, можеби нијансирани во посветли, со детаљи на потемно сино.

Портокаловата е романтична жива боја. Создава чувство на топлина на среќа, креативност, ентузијазам, упорност и успешност. Портокалови детаљи се препорачуваат за кујни,зашто може да го подобрат и апетитот, а во работните соби ја поттикнуваат менталната активност. Но, никако не се препорачува за собите предвидени за одмор. Не прикладна ниту за завеси и не за силно портокалови бои на ѕидови.

Зелената боја симболизира раст, надеж, препородување, боја на природата која се буди. Таа сугерира и стабилност и издржливост. Се смета дека  нежна нијанса на зелена боја или  резеда  опушта, па се препорачува во соби за одмор или  спални соби.

Виолетовата  е боја на моќта на богатството на благородништвото, но поврзана е и со мудрост, креативност, спиритуалност. Таа е отмена и елегантна боја, но, треба да се користи внимателно во интензитетот и застапеноста. Нежната пастелна нијанса е добра за ѕидови со потемно изразени виолетови детаљи во просторот. Може да биде дел од повеќе простории освен во кујната.

Боите на таванот се во зависност од висината и целиот амбиент, ако се ниски нека бидат светли, Ако таваните се високи, добро е да се затемни и засенчи доминантната боја. Внимателно со контрастите на мебелот и ѕидовите. Подобро е да се претопуваат  во нијанси отколку да бидат драстично различни, освен ако се многу внимателно одбрани и вклопени.

 Затоа размислете добро пред да изберете бои со кои ќе бидете опкружени подолго време.

Соња Стојановска