Ракомет

Со Борозан против Војводина

04.03.2014 09:02

Со натпреварот против српскиот шампион екипата на Маталург ги продолжува настапите во Сеха регионалната лига...

Настапот на завршниот турнир на најдобрите 4 екипи во регионалното натпреварување е се подалечен за македонскиот вицешампион. Се очекуваше дека мечот со Брест Мешков на 9 март ќе биде решавачки , но неочекуваниот пораз од Партизан на Бањица шансите за фајнл-фор ги сведе на теорија.

Алибито за серијата од три порази во Сеха во екипата на Металург го најдоа во заморот, во серијата натпревари и напорни патувања. Сепак и покрај концентрацијата на настапите во елитната лига на шампионите и посветувањето на осминафиналната пресметка со Колдинг, јасно е дека никому не е сеедно да се губи од просечни екипи, да им се билда рејтингот и самодовербата, а истовремено да се намалува довербата во сопствените можности. Па се случи многу брзо да се заборави на големата победа над барселона и серијата порази да отвори многу прашања и дилеми.

Оттука во таборот на македонскиот вицешампион се свесни дека вечер мора да се победи Војводина. Српскиот првак ни оддалеку не е предизвик како Колдинг но по победата над Вардар во Кале во Скопје доаѓа полн со самодоверба и желба за нов триумф против екипа што е меѓе најдобрите шеснаесет во Европа. 

Не е тајна дека натпреварите против најдобрите се инспирација за сите други да го дадат максимумот без оглед што најчесто резултатите и немаат поголемо значење. Војводина е домаќин на завршниот турнир од 11-13 април во Нови Сад, но е далеку од настап во битките за трофејот во Сеха. Сега и Металург е во слична позиција, но и двата состава се пред императив победа.

Натпреварот Металург –Војводина ќе биде одигран во СЦ Борис Трајковски со почеток во 17:45, а МРТ ќе го пренесува на првиот програмски сервис.