БРЕГЗИТ

Премиерот Џонсон го претстави конечниот план

02.10.2019 18:03

Британскиот премиер џонсон бара фер и разумен компромис за разделба од брисел.

Останува на ставот дека обединетото кралство може да продолжи напред само доколку си замине од европската унија на 31 октомври. Владата одбива да преговара натамошно одложување од финансиски, но и прагматични причини. Лондон очекува флексибилност од брисел

Со благодарност до Тереза Меј и напад врз Парламентот во Вестминстер, британскиот премиер Борис Џонсон го почна својот прв говор на конференцијата на Конзервативната партија. Револтиран е од обидите да му го попречат планот за заминување од ЕУ на крајот на октомври. Едно од спорните прашања во тригодишната дебата е границата на ирскиот остров. Лондон очекува флексибилност од Брисел, но предупреди - ако не ги усогласиме ставовите, сценариото без договор останува опција. Според законот кој Парламентот го усвои минатиот месец, премиерот се соочува со опција да бара уште едно одложување доколку пратениците не ги поддржат условите за повлекување до 19 октомври.

Борис Џонсон - Премиер на Обединетото Кралство

Под никакви околности нема да имаме проверки на или во близина на границата во Северна Ирска. Ние ќе го почитуваме мировниот процес и Договорот од Велики Петок. Ќе ги штитиме постојните регулаторни договори за земјоделците и другите бизниси на двете страни од границата. Ќе му дозволиме на Обединетото Кралство како целина да се повлече од Унијата, со контрола на сопствената трговска политика уште од самиот почеток.

Претходно, Џонсон постигна договор со Демократската унионистичка партија (ДУП) на Северна Ирска во кој се предлага овој дел од Обединетото Кралство да остане во рамките на регулативите на единствениот европски пазар до 2025 година. Велика Британија ќе се обиде да обезбеди спогодба за слободна тргвовија до 2021 година. Меѓутоа, Северна Ирска ќе се придржува до правилата на ЕУ за земјоделски, прехранбени и индустриски производи во наредните четири години. Потоа, собранието во Стормонт ќе реши дали да продолжи практиката, или да се применуваат британските права да се намали потребата за проверки на Ирско Море. Според аналитичарите, планот за Ирска со две граници во четири години по крајот на транзицискиот перод ќе биде проблем за Брисел, но веројатно и за Даблин.