Владата ќе ги претстави предлозите за договор пред Парламентот
Парламентот во лондон и лидерите на еу го разгледуваат конечниот предлог на премиерот џонсон за брегзит.

Фокусот е на ирскиот заштитен механизам за коj се предлагаат децентрализирани царински проверки. Од брисел се задоволни што е направен чекор напред, но предупредуваат дека и натаму остануваат отворени прашања.
Планот на британскиот премиер Борис Џонсон за Брегзит пред Парламентот во Вестминстер. Ирскиот граничен механизам и натаму клучно прашање и во Лондон и во Брисел. Според новиот предлог, Северна Ирска ќе остане на единствениот европски пазар, но ќе ја напушти царинската унија. Новите царински проверки ќе бидат децентрализирани, односно на локација што не е дел од границата, а документите ќе се поднесуваат електронски. Џонсон и натаму инсистира Брегзит да се спроведе на 31 октомври, со или без договор.
Мајкл Гоув - Министер за Брегзит
Ова е ефикасен начин за почитување на интегритетот на единствениот европски пазар, за задржување на придобивките од Договорот од Велики Петок, но и да се зацементира мирот во Ирска. Ќе можеме да излеземе од Унијата како една целосна држава.
За опозицијата, планот на Џонсон е полош од договорот на Тереза Меј.
Џереми Корбин - Лидер на партијата на Лабуристите
Делот за Северна Ирска е доста неконкретен. Уште полоша е намерата да се отстрани регулирањето со Европа. Кога преговаравме со владата на Меј, тие се согласија на одреден степен на регулирање.
Ирскиот премиер Лео Варадкар не очекува голем напредок со конечниот план за Џонсон бидејќи не ги исполнувал договорените цели за граничниот механизам „бекстоп“.
Лео Варадкар - Премиер на Ирска
Ќе мора да постојат проверки. Најдоброто место за нив се пристаништата и аеродромите, а не границата од 500 км меѓу Ирска и Северна Ирска. Никој на островот не сака проверка на границата.
За ЕУ постојат три главни цели: да нема граница, да постои сеопфатна ирска економија и да се заштити единствениот пазар. Сценариото без договор е исклучено како опција.
Владата на Обединетото Кралство се надева дека ќе се постигне конечен договор на самитот на Европската унија на 17 октомври.
