Грозје-еликсир на младоста
Грозјето се смета за крал на овошјето, со својот раскошен вкус, изглед, слаткост, разновидност, корисност.

Планетарно е опеано во многу песни и инспирација за сите сладокусци, од свежо, преку десерти, слатка, џемови, компоти, сокови, суво, па се до виното како круна на кралската лепеза на овошните вкусови.
Ова популарно овошје што го има на сите континенти, се одгледувало речиси пред 8000 години, кога за прв пат било култивирано во Средниот Исток. Секоја година, низ светот се произведуваат над 75 милиони тони грозје, од кои повеќето се преработува за вино. Црното има малку повеќе нутритивни вредности. Го викаат уште и чувар на срцето, на крвните садови а листата на позитивни карактеристики е долга. Еве неколку докажани и највпечатливи својства на грозјето. Грозјето, на кои му се припишуваат својства на еликсир на младоста може значајно да ги подобри менталните способности, покажуваат новите истражувања. Состојките на ова овошје можaт да ја зголемат циркулацијата на крвта до мозокот, со што се подобрува меморијата кај постарите лица. Грозјето е одлично за крвниот притисок и имунитетот – богато е со витамини и минерали. Иако постојат различни сорти на грозје, кое и да го одберете, ќе ве освежи, а на телото ќе му подари многу витамини и минерали. Такви се витамините А, Б6, останати витамини од групата Б и фолната киселина. Во 100 грама грозје се содржи 25% од препорачаната дневна доза на витамин Ц. Грозјето содржи и манган и калиум, па неговата консумација помага за снижување на крвниот притисок, го зајакнува имунитетот и помага против депресија. Бројни студии покажале дека кога црвеното вино се консумира во умерени количества е корисно. Притоа, го зголемува нивото на добриот (HDL) холестерол и го намалува нивото на лошиот (LDL) холестерол во крвта. Препорачливо е да се јаде целото зрно, заедно со обвивката и семката која е во него, бидејќи на тој начин се подобрува варењето на храната. Од целото зрно, семките во грозјето се најбогати со антиоксиданси. Семките се богати со линолна киселина која е корисна за кожата и помага против воспаленија, сува кожа, алергии, а исто така помага против болки во зглобовите. Грозјето содржи и железо.
Иако е слатка храна, грозјето има една добра карактеристика, а тоа е нискиот гликемиски индекс. Поновите истражувања покажале дека грозјето може да има и позитивен ефект во регулирањето на шеќерот во крвта. Лесно сварливите шеќери кои ги содржат зрната грозје во голема мера се одговорни за поттикнување на метаболизмот и полесно отстранување на токсичните материи од организмот, а со тоа помагаат при опстипација (запек). Црвеното грозје содржи ресверетрол кој е значаен полифенолен антиоксиданс. Овој антиоксиданс е концентриран во кората на црвеното грозје. Тој има антиинфлматорни и антиоксидативни својства, и може да ги активира ензимите на црниот дроб кои помагаат за елиминирање на штетните материи од телото. Се претпоставува дека ресверетролот може да има улога во превенцијата на канцер и срцеви заболувања, како и продолжување на животниот век. Покрај тоа, грозјето го намалува заморот и помага при желудечни киселини. Има уште информации за корисните својства на ова прекрасно овошје, а вие искористете го овој период да го консумирате што повеќе.. Убаво, привлечно и многу корисно за здравјето, без разлика дали е црно или бело.
Соња Стојановска
