4 октомври Светски ден за заштита на животните
Светскиот ден за заштита на животните се одбележува на 4 октомври уште од 1931 година.

Почнало во Фиренца на конвенцијата на еколозите. Тогаш овој ден се прославувал како ден на свети Фрањо Асишки, светецот заштитник на животните и на животната средина. Со тек на годините го изгубил своето верско обележје и одамна претставува празник на сите љубители и заштитници на животните без разлика на верата и нацијата.
Овој ден треба да не потсети дека животните се рамноправни жители на нашата планета и со нив го делиме заедничкиот живот на Земјата. Тие имаат еднакво право на живот како и ние. И животните, како и ние чувствуваат болка, тага, страв и стрес, така што не смееме да им го правиме она што не сакаме нам да ни го прават, она што го санкционираме во рамките на нашето, човечко, општество. На овој ден исто така треба да се потсетиме дека човекот истребил многу животински видови уништувајќи ги нивните живеалишта и експолоатирајќи ги заради профит и забава. Огромен број домашни миленичиња тагуваат и умираат отфрлени на улица или во стационарите. Само во Европа преку 35000 животни годишно страдаат во маки во бесмислените експерименти. Повеќе од 50 милиони животни годишно се убиваат на најсуров начин заради крзното. Почетоците за заштита на животните можат да се следат дури од далечното минато на човештвото. Во време на создавањето на организираното човечко општество се наоѓаат првите траги, па се до 17 век таканаречената заштита ја диктирале владарите и се сведувала на основните упатства дадени на народот, за тоа дека стоката треба да се храни, да се пои и да не се тепа. Во периодот од 17-19 век за заштитата зборуваат големите мислители на своето време и тогаш почнува да се зборува за правата на животните и моралната обврска на човекот да ги штити. Од 19 век до денеска за заштитата зборуваат и научниците и обичните луѓе.Фактот дека науката потврдила дека животните се суштества со чувства, доведува до тоа голем број луѓе да си го постават прашањето за моралната исправност на експлоатацијата на животните. Забрзаниот техничко технолошки развој на цивилизацијата, во 2о век, овозможил огромна експлоатација, злоупотреба и убивање на животните. Одговорот на тоа е активирањето на голем број поединци и организации за заштита на животните, кои се организирале во движења за заштита. Движењата и теориите на кои се засноваат можат да се разделат во три категории: теории за доброто на животните, теории за правото и теории за целосно ослободување на животните. Поддржувачите за движењето за доброто на животните тргнуваат од ставот дека е оправдано да се употребуваат животните до таа мера до која драстично не се нарушува состојбата дефинирана преку таканаречените пет слободи: слобода од глад и жед, слобода од физика , термална и психичка неудобност, со обезбедување на соодветен просторен амбиент за сместување, слобода од болка, повреда и болести, слобода од страв, стрес и страдање и слобода да се искажуваат нормалните облици на однесување карактеристични за животинскиот вид. Поддржувачите на движењето за правата на животните сметаат дека тие се подеднакво важни како и човековите права, и дека човекот нема морално оправдување да ги користи животните за своите потреби.Ја поддржуваат теоријата за целосно ослободување на животните од човековата експлоатација и употреба.
