УЧИЛИШТЕН ИНФОРМАТОР

Фестивал на храна и култура

07.10.2019 10:43

Сите учесници-натпреварувачи под координација на своите ментори најумешно се претставија во сите натпреварувачки категории, што беа оценувани од стручна комисија-професори од делот на Гастрономијата и Хотелското –туристичко работење.

Прв фестивал на храна и култура „TASTE KRUSHEVO“ 2019

Во Крушево, при крајот на септември се одржа Првиот фестивал на храна и култура „TASTE KRUSHEVO“ 2019 во  организација на СОУ„Наум Наумовски-Борче“.

Целта на овој настан пред  сè е  промоција на Крушево како туристички центар, традиционалната храна, култура и културните знаменитости кои Крушево ги има во огромен број и им ги нуди на своите посетители, но и активно дружење помеѓу учениците-натпреварувачи и професорите, запознавајќи и истражувајќи многу повеќе за Крушево, за храната и за културата. Доста интересно е тоа што сите натпреварувачи се покажаа во подготвувањето на крушевскиот чомлек, сите на различен начин, во делот на подготовка и декорација, но задржувајќи го оној крушевски „шмек“ на вистинскиот чомлек. На фестивалот активно учество зедоа седум средни угостителски училишта од Република Северна Македонија :

СОУ „Ванчо Питошески“-Охрид

СОУ „Митко Пенџуклиски“-Кратово

СОУ „Лазар Танев “-Скопје

СОУ „Ѓорче Петров“-Крива Паланка

СОУ „Нико Нестор-Струга

СОУ „Моша Пијаде“-Тетово

СОУ „Јосиф Јосифоски“-Гевгелија

и едно угостителско-трговско школо од градот Лесковац-Република Србија, каде што посетителите имаа можност да ја вкусат познатата „лесковачка скара“.

Учесниците се натпреваруваа во три категории и тоа:

1.Презентација на традиционална храна и култура од нивното поднебје.

2.Готвење  традиционален крушевски чомлек.

3.Најдобро видео за храмот „Св.Никола“.

Сите учесници-натпреварувачи под координација на своите ментори најумешно се претставија во сите натпреварувачки категории, што беа оценувани од стручна комисија-професори од делот на Гастрономијата и Хотелското –туристичко  работење.

Освен натпреварувачкиот дел од настанот, на учесниците им беше организирана забава  и тура преку којашто посетија дел од културните знаменитости на Крушево и закуска покрај Крушевското езеро.

Инаку беа вклучени и угостителските локални објекти кои со своите препознатливи крушевски специјалитети на сите учесници им подготвија традиционална крушевска трпеза на Градскиот плоштад „Никола Мартиноски“.

Организациониот тим веднаш почна со подготовки за наредниот втор Фестивал на храна и култура „TASTE KRUSHEVO“ 2020 година, што ќе опфати и учесници од преостанатите соседи , со тоа што овој настан ќе стане меѓународно препознатлив, а исто така ќе се зголеми и бројот на посетители. Се разбира сите оние кои се љубители на вкусна традиционална храна, ќе истражуваат, ќе го запознаваат Крушево како дестинација и ќе имаат добра забава.

 

Подготви

Радмила Гиевска